Ömer Tuğrul Çam
08 Март 2022•Ажурирај: 09 Март 2022
БРИСЕЛ
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дека во Украина цел на нападите биле цивилите и дека тоа е воено злосторство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Столтенберг ја посети Летонија и одржа заедничка прес-конференција со претседателот Егилс Левитс.
Наведувајќи дека голем број цивили се убиени и повредени во Украина поради рускиот напад, Столтенберг нагласи дека досега 2 милиони луѓе морале да ја напуштат земјата.
„Ова е најбрзо растечката бегалска криза во Европа од Втората светска војна. Има веродостојни извештаи дека отворен е оган врз цивилите додека се евакуираат. Напаѓање на цивилите е воено злосторство. Ова е неприфатливо. Потребни се вистински хуманитарни коридори што се целосно почитувани“, рече Столтенберг.
- „Доколку војната ескалира, ситуацијата може да излезе од контрола“
Нагласувајќи дека секој има одговорност да спречи војната од Украина да се рашири на други места, Столтенберг рече:
„Таквата ситуација би била поопасна, погубна и смртоносна. Ситуацијата би можела да излезе од контрола.“
Во своето предупредување, Столтенберг исто така потсети дека покрај санкциите воведени кон Русија поради нејзината агресија, НАТО го зајакнал своето присуство во Источна Европа за да ја спречи Москва да прави погрешни пресметки.
„Во висока готовност имаме 130 авиони, 200 бродови од далечниот север до Медитеранот и илјадници дополнителни војници во регионот“, додаде Столтенберг.
Наведувајќи дека Канада, САД и Шпанија испраќаат стотици дополнителни војници во мултинационалната борбена единица во Летонија, Столтенберг истакна дека ќе го заштитат секој квадратен сантиметар од територијата на НАТО.
- Левитс: „Безбедни сме благодарение на НАТО“
Летонскиот претседател Левитс истакна дека неговата земја е безбедна благодарение на нејзиното членство во НАТО.
„Ние сме земја членка на НАТО. Сојузниците стојат еден зад друг. НАТО ги штити и брани сите свои членки“, рече Левитс, наведувајќи дека денеска со Столтенберг разговарале за практични прашања во областа на одбраната.
„Москва разбира само сила и НАТО е најсилната одбранбена организација во светот“, нагласи Левитс.