Ruslan Rehimov
08 Март 2022•Ажурирај: 09 Март 2022
КИЕВ (АА) - Украинската разузнавачка служба денес објави дека уште еден руски генерал е убиен во борбите во близина на Харков, во североисточна Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Управата за разузнавање на Министерството за одбрана на Украина тврди дека е убиен генерал-мајор Виталиј Герасимов, началник на Генералштабот и заменик-командант на 41-та Руска армија.
Се додава дека Герасимов учествувал во Втората чеченска војна и во руските воени операции во Сирија и анексијата на Крим.
Минатата недела беше објавено дека украинските војници го убиле генерал-мајор Андреј Суховецки, заменик-командант на 41-та Руска армија во областа Чернихив.
Нападот на Русија врз Украина, што започна на 24 февруари, предизвика гнев кај меѓународната заедница, а Европската Унија, Велика Британија, Канада, Јапонија и Соединетите Американски Држави (САД) воведоа економски санкции кон Москва.
Според податоците на Обединетите нации (ОН), оттогаш во Украина се убиени најмалку 406 цивили, а 801 се ранети. Според Агенцијата на ОН за бегалци, околу два милиони луѓе ја напуштиле Украина и заминале во соседните земји.