Merve Berker
17 Јули 2024•Ажурирај: 20 Јули 2024
АНКАРА (АА) – Европскиот парламент ја нагласи потребата од „континуирана поддршка за Украина“ во услови на тековната руска војна против земјата, јавува Анадолу.
Пленарната сесија на Парламентот на ЕУ, која првпат се состана вчера по изборите одржани на 6 и 9 јуни, повторно се состана втор ден за да разговара за ова прашање.
Роберта Мецола, реизбрана за претседател за време на вчерашното гласање, ја иницираше седницата давајќи им збор на претставниците на политичките групи што побараа да се додадат точки на дневниот ред пред да се разговара за Украина.
Во врска со тековната војна на Русија против Украина, Анджеј Халицки од Европската народна партија ја истакна неопходноста од „зголемување на безбедноста на Украина“. Цитирајќи го полскиот премиер Доналд Туск, тој рече: „Секој што ѝ помага на Украина си помага себеси.“
„Зголемувањето на безбедноста на Украина ја зголемува нашата (европска) безбедност и безбедноста на луѓето што ние (Европа) ги претставуваме“, нагласи тој, додавајќи: „Никој нема право да се нарекува патриот ако го поткопува ова.“
Неколку други членови на Парламентот, исто така, зборуваа за тековната војна и за мерките што се потребни за „да се обезбеди Украина да победи“ против руската агресија.
Претседателката Мецола им даде збор на претставниците на политичките групи кои побараа да се додаде точка на дневниот ред.
Пратеничката од Португалија Катарина Мартинс, која говореше во име на левата група, рече дека нејзината група сака на дневен ред да се стави „геноцидот во Газа“. Во своето обраќање Мартинс потсети на 'десетиците илјади смртни случаи' и додаде: „Бомбите, гладот и болеста ги убиваат луѓето во Газа.“
„Нарушени се основните принципи на меѓународното право. Израел ги бомбардира и областите што ги прогласи за безбедни“, критикуваше Мартинс и нагласи: „Сведоци сме на геноцид.“
„ЕУ има посебна одговорност. Човековите права и меѓународното право се поткопани. ЕУ има договор за партнерство со Израел. Оружјето и парите на Европа убиваат луѓе во Газа. Затоа, ни треба расправа за ситуацијата во Газа на почетокот на мандатот за да го направиме нашиот законодавен дом веродостоен“, побара португалската пратеничка и предложи седница на Парламентот на која ќе се разговара за Газа.
Предлогот на Мартинс беше даден на гласање, но не го доби потребното мнозинство. На седницата од вкупно 416 пратеници кои учествуваа во гласањето 251 гласаа против темата за Газа.
Непочитувајќи ја Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива врз Газа од нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година.
Според локалните здравствени власти, убиени се над 38.700 Палестинци, главно жени и деца, а повеќе од 89.000 се повредени.
По повеќе од девет месеци од почетокот на израелскиот напад големи делови од Газа се во урнатини.
Израел е обвинет за геноцид од страна на Меѓународниот суд на правдата, со чија последна пресуда му се наложи веднаш да ја прекине воената операција во јужниот град Рафа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред почетокот на копнената офанзива на 6 мај.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.