Ayhan Şimşek
27 Септември 2023•Ажурирај: 28 Септември 2023
БЕРЛИН (АА) - Германија ја забрани неонацистичката организација „Артгемајншафт“ и изврши рации низ целата земја, чија цел беа водечките лица на екстремистичката организација, јавува Анадолу.
„Ова е уште еден тежок удар против десничарскиот екстремизам и против интелектуалните пиромани кои продолжуваат да ги шират нацистичките идеологии до ден-денес“, порача денес министерката за внатрешни работи Ненси Фезер.
Групата слична на култ е позната по своите неопагански и расистички теории и е обвинета дека ги индоктринира децата на мали години со нацистички и антисемитски идеологии.
„Артгемајншафт е вмрежена со многу други екстремно десничарски и новодесничарски групи. Оваа организација поврзува различни струи на екстремната десница и на тој начин претставува особена закана за слободниот демократски основен поредок“, рече Фезер.
Во раните утрински часови полицијата упаднала во домовите на 39 водечки членови на организацијата и извршила претреси во 12 сојузни покраини, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според властите, неонацистите и десничарските екстремисти претставуваат најголема закана за демократијата и домашната безбедност на Германија.
Во 2022 година, десничарските екстремисти извршиле 23.493 злосторства и 1.170 насилни напади насочени кон мигранти, бегалци или политички противници. Во тие напади беа повредени најмалку 675 лица.