Ayhan Şimşek
10 Ноември 2021•Ажурирај: 11 Ноември 2021
БЕРЛИН (АА) - Германија денеска ја достигна највисоката бројка на случаи на коронавирусот на дневно ниво од почетокот на пандемијата минатата година, принудувајќи ги властите да размислат за построги мерки, јавува Агенција Анадолија (АА).
Институтот „Роберт Кох“ (РКИ) пријави 39.676 нови случаи на коронавирус во последните 24 часа и уште 236 смртни случаи предизвикани од вирусот.
Активните случаи во државата се искачија до бројката 331.200, забележувајќи ја новата највисока бројка во моменталниот четврти бран на пандемијата, според официјалните податоци.
Новите случаи се зголемија во последните недели во западните региони на Саксонија и Тирингија, кои имаат најниска стапка на вакцинација од 16-те сојузни покраини.
Карл Лаутербах, политичар и здравствен експерт од германските социјалдемократи, повика на построги мерки, кои можат да вклучат нови ограничувања за невакцинираните лица.
Тој за медиумската мрежа РНД изјави дека државата сега треба или да воведе нов карантин или да го спроведе правилото „2Г“ во сите сојузни држави, дозволувајќи само вакцинираните и луѓето кои го прележале вирусот да имаат пристап до јавните затворени простори.
Идната германска коалициска трипартитна влада досега отфрли уште еден карантин на национално ниво, а Саксонија стана првата покраина која во понеделникот го спроведе правилото „2Г“, воведувајќи го во многу делови на јавниот живот, како што се рестораните, кафулињата и објектите од културно значење.
Институтот минатата недела предупреди дека е можно зголемување на случаите во Германија, бидејќи луѓето во текот на студените месеци го поминуваат времето во затворени простории, додека голем број луѓе сѐ уште не се вакцинирани.
Досега, 55,9 милиони луѓе, или 67,2 проценти од популацијата во Германија, се целосно вакцинирани.