Ekip
08 Февруари 2023•Ажурирај: 09 Февруари 2023
БЕРЛИН (АА) - Германската Влада планира на Украина да ѝ испорача значително повеќе тенкови „Леопард 1“ од она што првично се очекуваше, известува „Анадолу“.
Весникот „Дер шпигел“ (Der Spiegel) објави дека на Украина ќе ѝ бидат испорачани 178 тенка „Леопард 1“ од германските индустриски магацини.
Истиот извор објави и дека германскиот Сојузен совет за безбедност веќе гласал за таа одлука. Во текот на оваа недела се очекува испорака на првиот контингент на тие тенкови.
Меѓутоа, поголемиот дел од тенковите веројатно нема да биде испорачан до 2024 година.
Наскоро се очекува германската Влада да ги потврди овие информации.
Германскиот канцелар Олаф Шолц пред две недели ја најави испораката на 14 модерни борбени тенкови „Леопард 2“ од резервите на Вооружените сили (Bundeswehr) на Украина. Тие би требало да ѝ бидат предадени на украинската војска кон крајот на март. Германија им одобри и на други земји на Украина да ѝ ги донираат тие тенкови од своите резерви.