Ekipa
28 Февруари 2022•Ажурирај: 01 Март 2022
БЕРЛИН (АА) - Германија денес остро ја осуди наредбата на рускиот претседател Владимир Путин да ги стави руските нуклеарни сили во висока готовност, нарекувајќи ја таквата наредба неодговорна, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Се разбира, изјавите на рускиот претседател ги сфаќаме многу, многу сериозно, а исто така е јасно колку е неодговорна таквата закана“, изјави владиниот портпарол Штефен Хебестрајт за новинарите во Берлин.
САД и ЕУ постојано изразуваа загриженост за контроверзната воена доктрина на Москва, што ѝ дозволува да користи атомско оружје за да стави крај на конфликтот како дел од нејзината стратегија „ескалација до деескалација“.
Во меѓувреме, Хебестрајт ги поздрави тековните мировни разговори меѓу Русија и Украина, што денес започнаа во пограничниот регион Украина - Белорусија.
„Пред сè, Федералната влада го поздравува фактот што се преговара, а дипломатските решенија се секогаш единствените разумни“, рече тој.
„Во исто време, исто така знаеме дека преговорите ќе бидат многу тешки и тоа ќе се одолговлекува“, додаде тој.
Германскиот канцелар Олаф Шолц во вчера ја увери Украина за целосна солидарност во војната со Русија.
„Како демократи, како Европејци, ние стоиме покрај вас – на вистинската страна на историјата. Германија денес стои со Украина, нашите мисли и нашите симпатии се со жртвите на руската војна на агресија“, рече Шолц за време на специјалната седница на германскиот Парламент за руската војна против Украина.
Тој ја бранеше одлуката на Владата да испорача германско оружје за Украина. „Не може да има друг одговор на агресијата на Путин.“
Германската Влада направи историска промена во саботата и сега сака да испорача оружје од своите воени резерви во Украина.
САД, Германија и другите сојузници, се согласија и да ги исклучат руските финансиски институции од СВИФТ, меѓународната банкарска мрежа.