İdiris Okuduci
28 Февруари 2022•Ажурирај: 01 Март 2022
БЕЈРУТ (АА) - Амбасадорот на Украина во Бејрут, Игор Остош, истакна дека Русија испратила 400 платеници поврзани со руската безбедносна компанија „Вагнер“ во главниот град Киев за да ги убијат политичките лидери и високите функционери во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Остош во Амбасадата во Бејрут се осврна на тековната војна меѓу Русија и неговата земја, Украина.
Во однос на преговорите меѓу Украина и Русија што започнаа во регионот Гомељ во Белорусија, Остош рече: „Нашиот прв услов е Русија безусловно да ги повлече сите свои сили од Украина. Сите го знаат тоа многу добро.“
На прашањето „Дали предвидувате дека Русија ќе ги повлече своите сили од Украина по преговорите?“, Остош нагласи: „Мислам дека тоа ќе се случи.“
Наведувајќи дека платениците, што претходно московската администрација ги праќаше во други земји како што е Либија, сега се испратени во Украина, Остош рече: „Според информациите од Британците, Вагнер испратила 400 војници во Киев. Во замена за голема сума пари понудена на војниците, сакаат да ги убијат политичките лидери во Украина. Но, ние не се плашиме.“