Ayhan Şimşek
11 Септември 2017•Ажурирај: 11 Септември 2017
БЕРЛИН (АА) - Вкупно 615 турски граѓани со дипломатски или со службени пасоши аплицираа за азил во Германија, по минатогодишниот неуспешен обид за државен удар во Турција, изјави германскиот министер за внатрешни работи, Томас де Мејзер, пренесува Anadolu Agency (AA).
„До крајот на август, 250 лица со дипломатски пасоши и 365 лица со службени пасоши поднесоа барање за азил“, рече Де Мејзер во денешното интервју за германскиот весник „Rhein Zeitung“ (Рајн цајтунг).
„Овие бројки, исто така, вклучуваат членови од семејствата на дипломатите и на лицата со службени пасоши. Тоа е значителен, но не исклучително голем број“, додаде тој.
Де Мејзер не даде детали за професиите на споменатите баратели на азил, но владини претставници претходно за локалните медиуми изјавија дека меѓу нив имало поранешни војници и поранешни дипломати и повеќето биле обвинети дека се поврзани со оние што стојат зад државниот удар.
Неуспешниот обид за државен удар во јули 2016 година, во кој загинаа 250 луѓе, а речиси 2.200 беа повредени, беше организиран од страна на терористичката организација ФЕТО и нејзиниот лидер кој живее во САД, Фетула Ѓулен.
По неуспешниот обид, неколкумина турски воени офицери се стационираа во базите на НАТО во Германија, не слушајќи ги наредбите од Анкара да се вратат дома.
Неколкумина поранешни војници и поранешни официјални претставници осомничени за поврзаност со ФЕТО, дојдоа во Германија од соседните земји или од Турција и поднесоа барање за азил.
И покрај постојаните барања од страна на Анкара за враќање на осомничените на ФЕТО во Турција заради судење, германските власти ги одбија ваквите барања тврдејќи дека Анкара мора да поднесе законски докази.
Де Мејзер денес изјави дека секое барање за азил е оценето од страна на германските власти според сопствени критериуми, врз основа на владеењето на правото и важечкото законодавство.