Ekip
31 Март 2021•Ажурирај: 01 Април 2021
БЕРЛИН
Постојаниот комитет за вакцинација на Германија (STIKO) предложи вакцината на „АстраЗенека“ да се дава само на лицата постари од 60 години, објави Германската новинска агенција (DPA), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Тие објавија дека препораката е направена врз основа на моментално достапните податоци за појава на ретки, но многу сериозни несакани ефекти поврзани со тромбоза.
Овие несакани ефекти се јавувале претежно кај лица под 60 години околу 4-16 дена по вакцинирањето.
Како реакција на одлуката на СТИКО, канцеларката Ангела Меркел одржа кризен состанок синоќа со премиерите на 16-те сојузни покраини на Германија во врска со континуираната употреба на вакцината на „АстраЗенека“.
Комисијата соопшти дека ќе објави упатства што да прават лицата под 60 години кои ја примиле првата доза на вакцината на „АстраЗенека“ и треба да ја добијат втората доза до крајот на април.
Властите во неколку германски покраини моментално ја суспендираа употребата на вакцината на „АстраЗенека“ за лицата на возраст под 60 години.
Употребата на вакцината накратко беше запрена во неколку европски земји на почетокот на овој месец поради страв од згрутчување на крвта.
По прегледот на медицинските експерти во Европската агенција за лекови со седиште во Брисел, повеќето земји на Европската Унија, вклучително и Германија, ги продолжија вакцинациите со вакцината на „АстраЗенека“ на 19 март.
Германија сè уште заостанува во програмата за вакцинирање во споредба со другите западни земји, особено САД и Велика Британија, бидејќи нешто повеќе од 13 милиони луѓе во земјата примиле барем една доза од вакцината, додека речиси 4 милиони ги примиле и двете дози.