Ayhan Şimşek
17 Октомври 2025•Ажурирај: 20 Октомври 2025
БЕРЛИН (АА) - Германија ја смета Турција за „стратегиски партнер“ во рамките на НАТО и гледа голем потенцијал за соработка во надворешната политика, изјави министерот за надворешни работи Јохан Вадефул денес пред посетата на Анкара, јавува Анадолу.
Во изјавата за новинарите во Берлин, главниот германски дипломат рече дека неговите разговори во Анкара подоцна во текот на денот ќе ги опфатат случувањата на Блискиот Исток, прекинот на огнот во Газа, политичката транзиција во Сирија, конфликтот меѓу Русија и Украина и други прашања од надворешната политика.
„Во конфликтот на Блискиот Исток, Турција придонесе за историското примирје во Газа преку својата посредничка улога“, рече Вадефул, осврнувајќи се на примирјето меѓу Хамас и Израел врз основа на планот од 20 точки на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Со ослободувањето на заложниците и прекинот на огнот постигнато е многу што изгледаше невозможно пред само неколку недели. Сепак, работата кон безбедна и достоинствена иднина за народот на Газа само што започнува“, продолжи тој.
„Заедно се залагаме за целосен пристап на хуманитарните актери за ублажување на најлошите страдања и заедно работиме на обезбедување целосна имплементација на планот од 20 точки за долгорочен мир“, рече Вадефул, нагласувајќи дека Берлин очекува континуиран притисок врз Хамас.
Во текот на еднодневната посета на Анкара, Вадефул треба да се сретне со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан со кој ќе разговараат за низа критични меѓународни и регионални прашања.
Разговорите ќе ги опфатат и билатералните односи, развојот на односите меѓу ЕУ иТурција, тековната соработка во одбранбената индустрија и прашањата за НАТО сојузот.
„Турција е клучен стратегиски партнер за нас во рамките на НАТО“, нагласи Вадефул пред разговорите, истакнувајќи дека во разговорите со турскиот колега ќе бидат опфатени и меѓународните и регионалните безбедносни прашања, како и најновите случувања во конфликтот меѓу Русија и Украина.
„Наша заедничка цел е брзо да ја завршиме оваа војна - за таа цел мора уште побрзо да ги исцрпиме и воените резерви на Русија. Како чувар на Конвенцијата од Монтре, Турција има директна одговорност и за пристапот до Црното Море. Истанбул, исто така, е важно место за преговори“, рече германскиот министер.