Erbil Başay
18 Декември 2022•Ажурирај: 19 Декември 2022
БЕРЛИН (АА) - Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер изјави дека ќе продолжи да зазема остар став кон државните непријатели, известува Агенција Анадолија (АА).
Фезер во интервју за весникот „Велт ам Зонтаг“ истакна дека 25 осомничени се приведени поради планирање државен удар на 7 декември, а Федералното обвинителство води истрага против 54 лица.
Фезер наведе дека во текот на полицискиот претрес се одземени оружје, пари и злато, а го изнесе и податокот дека досега се запленети 400.000 евра и 50 килограми златници и сребреници.
„Ќе го задржиме цврстиот став кон државните непријатели“, порача Фезер.
Германската полиција на 7 декември изведе акција против групата со идеологија „Империјални граѓани“, приведувајќи 25 лица, меѓу кои има и поранешни војници, полицајци и судии, под обвинение дека планирале вооружен удар во земјата.