Erbil Başay
20 Август 2021•Ажурирај: 21 Август 2021
БЕРЛИН (АА) - Германскиот министер за надворешни работи, Хеико Мас, истакна дека е потребно да се размислува за зајакнување на европскиот столб во НАТО, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во интервју за списанието „Шпигел“ (Spiegel), Мас истакна дека одвреме-навреме одлуките во НАТО се носат во Вашингтон, додека Брисел речиси нема право на збор.
Мас подвлече дека треба да се водат повеќе политички дискусии пред да се испратат војниците на кое било место.
Нагласувајќи дека постои ризик од спроведување на одлуките донесени во Вашингтон, без разлика кој е претседателот во САД, Мас додаде:
„Треба да размислиме за зајакнување на европската нога во НАТО. Реалноста е дека ние не сме во состојба да извршуваме предизвикувачки меѓународни мисии без САД, така што Американците одлучуваат за многу работи и ние ги следиме. Неуспехот во Авганистан не треба да нѐ наведе целосно да се откажеме од нашата одговорност во светот во однос на надворешната и безбедносната политика. Меѓутоа, она што се случи во Авганистан не треба да се повтори.“
Мас, исто така нагласи дека под раководство на НАТО треба да се дискутира дали таквите мисии ќе бидат можни во иднина во рамките на Унијата.
„Дали нашата должност е да обезбедиме мир и почитување на човековите права? Дали како дел од тоа е да го извезуваме и нашиот систем на администрација? Ова дефинитивно не успеа во Авганистан“, рече министерот Мас.
Наведувајќи дека не размислува да поднесе оставка од функцијата по случувањата во Авганистан, Мас посочи дека мисли само да извлече заклучоци од грешките направени во текот на овој процес и да евакуира што е можно повеќе луѓе од Авганистан.
Посочи дека германската разузнавачка служба, како и разузнавачките служби на други земји, направиле погрешни проценки за ситуацијата во Авганистан, и додаде:
„Тие се информираа едни со други и добија погрешни проценки едни од други. Ова треба да се промени. Во иднина, наодите на другите служби треба добро да се проверуваат.“