Michael Gabriel Hernandez
21 Август 2021•Ажурирај: 22 Август 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден, изјави дека размислува за одобрување спасувачки операции надвор од Меѓународниот аеродром во Кабул за Американците и за Авганистанците кои им помогнаа на САД, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бајден рече дека постојните операции се „една од најголемите воздушни евакуации во историјата“, но вети дека ќе стори сè што е можно евакуациите да се спроведат.
„Ја разгледуваме секоја можност и начин на кој би можеле да ги доведеме луѓето до аеродромот“, рече Бајден пред новинарите во Белата куќа, запрашан за луѓето што останаа надвор од талибанските контролни точки.
Порача дека ќе стори сè што може за Американците кои сакаат да ја напуштат земјата да бидат евакуирани, како и Авганистанците кои бараат специјални мигрантски визи за да дојдат во САД.
„Ќе направиме сè што можеме за да осигуриме безбедна евакуација за нашите авганистански сојузници, партнери и Авганистанците кои би можеле да станат цел поради нивната поврзаност со САД“, рече тој.
Додаде дека не може да вети каков ќе биде конечниот резултат и дали ќе биде без ризик од загуба, но дека, како врховен командант, ќе ги мобилизира сите потребни ресурси.
Американскиот претседател е изложен на критики за хаотичните сцени на Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ во Кабул, откако талибанците во неделата ја презедоа контролата врз авганистанскиот главен град.
Досега се евакуирани над 13.000 луѓе откако САД ја презедоа контролата врз аеродромот на 14 август кога талибанците ја презедоа контролата врз многу подрачја, што изненади многумина, вклучувајќи го и Бајден и неговите соработници. Таа бројка вклучува и 5.700 луѓе евакуирани од војската во последните 24 часа.
„Илјадници други се евакуирани со приватни чартер-летови организирани од американските власти“, рече Бајден.
САД испратија околу 6.000 војници на аеродромот со цел да се осигури безбедноста и да се овозможи одвивање на авиосообраќајот за цивилни и воени летови.
Бајден наведе дека американските власти се во контакт со талибанското раководство во Кабул за да се погрижат за безбедноста на операциите кои се во тек, додека групата се придржува до своите обврски да им овозможи на Американците безбеден премин до аеродромот.