Elena Trenchevska Chekovic
02 Септември 2025•Ажурирај: 03 Септември 2025
СКОПЈЕ (АА) - Со поддршка од над 44 земји, Глобалната флотила „Сумуд“ го продолжува своето патување, кое го започна од шпанскиот град Барселона, во знак на солидарност со Палестина и за пробивање на израелската блокада, јавува Анадолу.
На флотилата, првично составена од околу 20 бродови и над 300 луѓе, која плови низ Медитеранот, од Италија, Грција и Тунис ќе ѝ се придружат уште бродови со активисти, уметници, политичари, лекари и новинари. Со тоа, според организаторите, вкупниот број ќе достигне повеќе од 500 луѓе и околу 60 бродови.
Барселона, која ги прекина сите институционални односи со Израел поради геноцидот во Газа, беше прва појдовна точка за флотилата „Сумуд“.
На еден од бродовите се наоѓаат и ирскиот актер Лиам Канингем, меѓународно познатата шведска активистка Грета Тунберг, шпанскиот актер Едуардо Фернандез и поранешната градоначалничка на Барселона, Ада Колау.
- Глобалната флотила „Сумуд“ -
Зборот „Сумуд“, што на арапски значи решителност или непоколебливост, стана симбол за угнетувањето и отпорот меѓу палестинскиот народ по Шестдневната војна во 1967 година.
Концептот „Сумуд“ имплицира потреба Палестинците да останат на својата земја, да ги зачуваат палестинскиот идентитет и култура и да бараат начини да ѝ се спротивстават на окупацијата и да изградат алтернативни институции преку ненасилна граѓанска непослушност.
Во уметничките активности поврзани со Палестина за прикажување на овој концепт се користат симболи како што се маслинка и бремена селска жена.