Ekip
20 Ноември 2021•Ажурирај: 21 Ноември 2021
ОВИЕДО
Се навршија два месеца од почетокот на ерупцијата на вулканот Кумбре Виеха на шпанскиот остров Ла Палма, а земајќи ја предвид рекордната сеизмичка активност, се претпоставува дека ерупцијата нема да заврши наскоро, известува Агенција Анадолија (АА).
Во петокот наутро е регистриран најсилниот земјотрес од почетокот на ерупцијата, а бил почувствуван и на другите околни острови. Според шпанскиот Национален географски институт, земјотресот бил со интензитет од 5,1 степен.
Ова е најдолга вулканска ерупција регистрирана од 1712 година досега, а предизвика повеќе штета од која било друга ерупција.
Околу 7.000 од 83.000 жители на островот беа принудени да ги напуштат своите домови и сега престојуваат кај роднини или во засолништа.
Голем број од нив засекогаш ги загубија своите домови и населби во лавата, а куќите на оние посреќните се прекриени со дебели слоеви пепел што мора да се отстранат од кровот за да не се урнат.
Според податоците добиени од сателитот „Коперник“, лавата уништила 2.623 згради, од кои повеќето се станбени. Делумно се оштетени 111 згради, а лавата прекри 1.000 хектари земјиште.
Под ридовите на тлеечката лава исчезнаа плантажи со банани, автопатишта, куќи, училишта, цркви, хотели и земјоделски површини.
Владата на Канарските Острови процени дека досегашната штета изнесува 906 милиони евра.
Со оваа ерупција се поврзува смртта на 72-годишен маж, кој починал додека ја чистел пепелта од својата куќа, а во тек е обдукција за да се утврди што точно се случило. Извор од Планот за превенција од вулкани (Pevolca) за шпанскиот дневник „El Pais“ изјавил дека можно е да се задушил откако „пепелта го затрупала на кровот“.
Покрај целата трагедија поради ерупцијата, регистрирани се и херојски дела. Група локални жители спасиле неколку кучиња опкружени од лавата. Додека властите разгледувале како да ги извлечат кучињата со дронови, цивилите се прикрале во опасното подрачје, ги зеле кучињата и зад себе ја оставиле пораката „Сила за Ла Палма. Кучињата се во ред“.
Островот поради ерупцијата се зголеми. Стврднувањето на лавата при ладењето со допир со морската вода создаде ново копно со површина од околу 41 хектар, што одговара на површина од 76 фудбалски игралишта.
Шпанскиот премиер Педро Санчез во петокот престојуваше во седма посета на Ла Палма од почетокот на ерупцијата.