Zuhal Demirci
28 Февруари 2022•Ажурирај: 01 Март 2022
ЛОНДОН (АА) - Двајцата руски милијардери, Микхаил Фридман и Олег Дерипаска, кои се противеа на рускиот напад врз Украина, повикаа на мир, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што објави „Гардијан“, Фридман, рускиот милијардер роден во Украина и сопственик на инвестициската компанија „LetterOne (L1)“, до своите вработени испратил е-пошта насловена како „Војната никогаш не може да биде одговор“.
Фридман, осврнувајќи се на неговите украински корени во Лавов, каде што сè уште живее неговото семејство вели: „Поголемиот дел од мојот живот го поминав започнувајќи и развивајќи бизнис како граѓанин на Русија. Длабоко сум поврзан со украинскиот и со рускиот народ. Сегашниот конфликт го гледам како трагедија и за двете земји.“
Наведувајќи дека генерално избегнува да дава политички изјави за своите вработени, Фридман додава: „Јас сум бизнисмен кој има одговорност кон моите илјадници вработени во Русија и Украина. Но, убеден сум дека војната никогаш нема да биде одговорот. Оваа криза ќе ги чини животите на два народа кои се браќа стотици години.“
Рускиот олигарх Микхаил Фридман според листата на светски милијардери на „Форбс“ минатата година се наоѓаше на 128-то место.
– „Мирот е многу важен“ порака од рускиот милијардер Дерипаска -
Рускиот олигарх и бизнисмен Дерипаска, познат по неговата блискост со рускиот претседател Владимир Путин, во објавата на апликацијата за пораки Телеграм исто така повика мировните преговори да започнат што е можно побргу.
Дерипаска, сопственик на компанијата „Русал“, една од најголемите алуминиумски компании во светот, во својата порака рече: „Мирот е многу важен.“
Дерипаска, познат и по неговата блискост со Путин, беше вклучен на листата на американски санкции во 2018 година како дел од истрагата за мешањето на Русија во изборите во САД во 2016 година.