Ahmet Karaahmet,Mehmet Burak Karacaoğlu
22 Ноември 2021•Ажурирај: 23 Ноември 2021
ИДЛИБ (АА) - Во воздушните напади на Русија врз селото Талите во границите на „деескалациската зона во Идлиб“ во Сирија, животот го загубија 2 цивили, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Опозициската опсерваторија за авиони на својот профил на социјалните медиуми во врска со воздушните напади во Идлиб истакна дека руските воени авиони, кои полетале од воздухопловната база „Хмејмим“ во Латакија, извршиле напади.
Според информациите добиени од извори од Цивилната одбрана, двајца цивили го загубиле животот во воздушните напади во селото Талите.
- Ситуацијата во деескалациската зона во Идлиб -
Во моментов, популацијата на Идлиб со внатрешната миграција достигна 4 милиони луѓе. Од март 2015 година се наоѓа под контрола на опозицијата. Идлиб е место што е најмногу напаѓано од страна на режимот.
На состанокот во Астана од 4-5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран се договорија за четири деескалациски зони во Идлиб и соседните покраини (Латакија, Хама и Алепо).
Но, режимот и странските терористички групи поддржани од Иран, со воздушна поддршка на Русија ја зазедоа контролата врз овие деескалациски зони, со исклучок на Идлиб.
Стотици илјади цивили кои избегаа од нападите, мигрираа кон местата близу границата со Турција.
Исто така, нападите продолжија извесно време и по Договорот од Сочи постигнат на 17 септември 2018 година од страна на Русија и Турција.
Бројот на мигранти што избегаа од местата на кои се спроведуваат интензивни напади кон релативно побезбедни места во близина на границата со Турција и во областите ослободени од операциите „Маслинова гранка“ и „Штитот на Еуфрат“, за една година достигна 2 милиони.