Ömer Aydın
10 Мај 2017•Ажурирај: 11 Мај 2017
ПАРИЗ (АА) - Политичкото движење „En Marche“, основанo од страна на новоизбраниот француски претседател Емануел Макрон, го одби барањето на поранешниот француски премиер Мануел Валс и нема да го стави на листата на кандидати на претстојните парламентарни избори во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Движењето „En Marche“ по претседателските избори минатата недела е преименувано во „Републички марш“, а Макрон официјално се повлече од чело на движењето поради преземањето на должностите како нов шеф на државата.
Претседателот на Комисијата за утврдување на кандидатската листа на движењето, Жан Пол Делевоје, за радио „Europe 1“ изјави дека било разгледано барањето на поранешниот премиер на социјалистичката влада Валс, и е констатирано дека неговата кандидатура не би била корисна за Марш.
Поранешниот шеф на француската влада, Валс, вчера изјави дека Макрон отвора нов правец на француската политика и дека на тој пат треба да се поддржи.
„Не го негирам своето триесетгодишно политичко минато во редовите на социјалистите, но сакам Макрон да успее. Социјалистичката партија е мртва, таа е минато. Ќе бидам кандидат на парламентарните избори од редовите на политичкото движење на Емануел Макрон, и ги повикувам сите колеги да ме следат во тој потег“, рече Валс.
Набрзо по оваа изјава на Валс се огласи и гласноговорникот на новоизбраниот француски претседател, Бенџамин Гриво, кој рече дека Валс мора да поднесе барање за кандидатура и дека таа ќе биде валоризирана како и сите други.
„Во нашето политичко движење никој нема привилегии, па ниту поранешните премиери“, рече Гриво.
Парламентарните избори во Франција ќе се одржат на 11 јуни. Гласачите ќе избираат нов состав на Националното Собрание, кое брои вкупно 577 пратенички места. Во првиот круг од гласањето, во парламентот ќе влезат кандидатите кои ќе освојат натполовично мнозинство во изборната единица, а во изборните единици во кои нема да има кандидати со такво мнозинство, ќе се одржи втор круг, во кој ќе се натпреваруваат сите кандидати кои во првиот круг ќе освојат над 12,5 отсто од гласовите.