Ömer Tuğrul Çam
14 Јануари 2020•Ажурирај: 14 Јануари 2020
МОСКВА (AA) - Турскиот шеф на дипломатијата, Мевлут Чавушоглу, изјави дека делегациите на Турција и Русија договориле рамковен текст со модалитетите за примирје во Либија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу и турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, вчера се состанаа во Москва со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, и со рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, и разговараа за либиското прашање.
Чавушоглу по состанокот изјави дека премиерот на Владата на национално единство во Либија, Фајез ал Сараџ, го потпишал договорот, додека лидерот сепаратист Калифа Хафтар барал време до денес за потпишување на договорот за прекин на огнот.
„Договоривме рамковен договор со модалитети на можно примирје во Либија. Во овој текст исто така ги зедовме предвид предлозите што ги изнесе страната на Хафтар“, рече Чавушоглу.
Додаде дека двете страни во Либија со потпишувањето на договорот и писмено прифатиле дека ќе се придржуваат до примирјето.
„Ако страната на Хафтар утре го потпише овој документ, Ал Сараџ и Хафтар кои претходно, како резултат на нашата иницијатива и апел на двајцата претседатели, усно прифатија дека ќе го почитуваат примирјето, ќе ја исполнат обврската и во пишана форма. Потоа, ќе продолжиме да работиме со Русија на продолжување на примирјето и за забрзување на целокупниот политички процес, вклучувајќи ги напорите на Берлин и Обединетите нации“, рече турскиот шеф на дипломатијата.
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, и рускиот претседател, Владимир Путин, на 8 јануари ги повикаа сите страни во Либија на примирје. Примирјето, со прифаќање на Владата на национално единство и силите на Хафтар, стапи во сила на 12 јануари.