Mohammad Sıo
07 Октомври 2024•Ажурирај: 08 Октомври 2024
БЕЈРУТ (АА) - Десет пожарникари го загубија животот денес во израелскиот воздушен напад врз Јужен Либан, соопшти либанското Министерство за здравство, јавува Анадолу.
Во соопштението на Министерството се вели дека пожарникарите ги загубиле животите кога израелски борбен авион удрил во општинската зграда во градот Бараахит.
Министерството нападот го нарече „воено злосторство што треба да се додаде во криминалното досие на Израел против пожарникарите и работниците за брза помош во Јужен Либан“.
Нападот се случи откако Израел издаде нови наредби за евакуација на жителите на уште 25 погранични града во Јужен Либан и да ги напуштат областите, со што бројот на области за кои е наредена евакуација во последниве денови се зголеми на 100.
Израел започна со масовни воздушни напади на 23 септември врз, како што ги нарекува, локации на Хезболах низ Либан, во кои загинаа повеќе од 1.200 лица, а над 3.400 беа повредени, според либанското Министерство за здравство.
Воздушната кампања е ескалација на едногодишната прекугранична војна меѓу Израел и Хезболах од почетокот на бруталната офанзива на Тел Авив врз Појасот Газа, во која се убиени речиси 42.000 Палестинци, главно жени и деца, од нападот на Хамас минатата година.
Според либанските власти, оттогаш се убиени најмалку 2.036 луѓе, над 9.500 се повредени, а 1,2 милиони се раселени.
Меѓународната заедница предупреди дека со израелските напади врз Либан би можело конфликтот во Газа да ескалира во поширока регионална војна.