İlayda Çakırtekin
10 Ноември 2025•Ажурирај: 11 Ноември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Три дрона биле забележани синоќа над нуклеарната централа Доел во Белгија, јави новинската агенција Белга, пренесува Анадолу.
Операторот „Енги“ го потврди присуството на дроновите, но нагласи дека работата на централата не била нарушена и дека нема безбедносен ризик.
Енергетскиот експерт Лук Поувелс за белгискиот канал ВПТ НВС изјави дека Доел се наоѓа во „зона без летови“ и дека забраната „јасно била прекршена“.
„Реакторите се дизајнирани да издржат удари од авиони – од мали летала до големи патнички авиони – така што дроновите не претставуваат структурна закана“, додаде Поувелс.
Во исто време, воздушниот сообраќај на аеродромот во Лиеж повторно беше привремено прекинат синоќа, откако операциите беа накратко суспендирани и во петокот.
Ова е трет ваков инцидент во една недела, откако во вторникот и четвртокот вечерта летовите кон и од Лиеж беа прекинати поради забележани дронови.
Слични случаи беа регистрирани и на аеродромот во Брисел.
Во последните месеци, неколку европски земји пријавија низа инциденти со дронови во близина на аеродроми или воени објекти, вклучително и над белгиска воена база.
Некои европски официјални претставници ги поврзуваат ваквите случаи со Русија, тврдејќи дека станува збор за дел од хибридна војна во контекст на тековниот конфликт во Украина.
Москва, пак, цврсто ги негира овие обвинувања.