ЕРУСАЛИМ (АА) - Израел продолжува со градење на еврејските населени места во палестинските територии кои ги држи под окупација од 1967 година досега. Владите кои дојдоа на власт во овој период, непрекинато ја продолжија политиката на користење на палестинските територии како алатка за јудаизација, пишува Агенција Анадолија (АА).
Присуството на 262 еврејски населени места изградени на Западниот Брег и Источен Ерусалим (Кудс) го оневозможува формирањето на една суверена палестинска држава.
Сѐ до неодамнешната промена на американската политика во оваа насока, целата меѓународна јавност овие населени места ги сметаше за илегални и упатуваше апел до администрацијата на Тел Авив за откажување од политиката за нивно проширување.
Со последната одлука на претседателот на САД, Доналд Трамп, кој од денот на доаѓање на претседателската функција ја исполни речиси секоја желба на Израел, Америка стана прва земја која ги прифати како легални еврејските населени места изградени врз окупираните палестински територии.
Се вели дека оваа одлука на САД ќе го охрабри Израел за анектирање на еврејските населени места на Западниот Брег кој е во окупација од 1967 година.
Палестинците велат дека работите за проширување на еврејските населени места не запреле ниту еден ден. Според нив, оваа состојба е една од најголемите закани пред формирање на една палестинска држава со граници од 1967 година, и го предизвикува распарчувањето на Западниот Брег.
Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), со Резолуцијата 2334 усвоена во декември 2016 година, од Израел побара итно запирање на сите актвности за населување на окупираните палестински територии.
- Еврејски населени места: Име на окупацијата која продолжува 52 години
Историјата на еврејските населени места на палестинските територии е следна:
Изреал, со изградбата на еврејските населени места почна по окупирањето на Западниот Брег и Источен Ерусалим во 1967 година.
Израелската Влада под администрација на левичарската Работнична партија, во процесот од 1967 до 1977 година направи чекор за програмата за изградба на интензивни еврејски населени места во Источен Ерусалим и околината, како и во околината на Мртвото Море кое се наоѓа во источниот дел на Западниот Брег.
Екстремно десничарската партија Ликуд, која ја презеде администрацијата од Работничката партија и ја формираше Владата, во процесот од 1977 до 1987 година непрекинато ја продолжи програмата за изградба на еврејските населени места, и имаше за цел бројката на Евреи кои живеат во околината на Западниот Брег да ја зголеми до милион жители.
Во 1990 година тогашната израелска Влада соопшти дека не ги признава границите од 1967 година и го забрза планот за изградба на еврејските населени места на Западниот Брег. Израелската Влада во овој процес изгради „безбедни“ патишта кои поминуваат низ внатрешните делови на Западниот Брег со цел да обезбеди транспорт за поврзување на илегалните еврејски населени места со другите израелски градови.
Со апелот на поранешниот премиер на Израел, Ариел Шарон, во 1996 година, за изградба на населени места во секоја страна на Западниот Брег, започна изградбата на еврејските населени места во внатрешните делови на Западниот Брег.
- Постојат вкупно 262 еврејски населени места
Еврејското населено место Кефар Атсијон, во јужниот дел на Западниот Брег, е првото еврејско населено место изградено веднаш по израелската окупација на Западниот Брег и Источен Ерусалим во 1967 година.
Како што пренесе Халил Туфекчи, поранешен директор на Здружението „Харита“ (Мапа) кое е затворено од страна на Израел, и експерт за еврејските населени места, на Западниот Брег се наоѓаат 252, додека во Источен Ерусалим 10 еврејски населени места.
Според израелската невладина организација „Сега, мир“, која е позната по нејзиниот став против еврејските населени места, овие населени места сочинуваат 13 отсто од површината на Западниот Брег.
- 640.000 еврејски доселеници
Во 1967 година, кога Израел ги окупираше Западниот Брег и Источен Ерусалим, во овој регион немаше ниту еден еврејски доселеник, додека, според Туфекчи, денес тука живеат 640.000 еврејски доселеници, од кои 220.000 живеат во Источен Ерусалим.
Во 1988 година кога беше објавен документот за независноста на Палестина, бројот на еврејските доселеници на Западниот Брег изнесуваше 66.500, додека во 1994 година, кога беше потпишан Мировниот договор во Осло меѓу Израел и Палестина, оваа бројка достигна 116.300 лица.
Во 2000 година, кога Израел и Палестина се состанаа во подрачјето на Кемп Дејвид, во рамки на потрагата на САД за изнаоѓање решение за прашањето меѓу двете страни, бројката на еврејските доселеници на Западниот Брег се искачи на 184.000 лица.
Со запирање на последните напори за наоѓање решение за прашањето меѓу Израел и Палестина, оваа бројка достигна 371.000 еврејски доселеници.
По доаѓањето на функција на американскиот претседател Доналд Трамп, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја забрза изградбата на еврејските населени места.
- Еврејските населени места во Газа
Израелската држава во 1968 година започна со изградба на еврејски населени места во повеќе стратешки точки во Газа.
Израел изгради 19 еврејски населени места на површина од 23.000 метри квадратни во Појасот Газа, и овие места ги анектираше под името „безбедна зона“.
Во 2003 година, кога се зголеми вооружениот отпор во Газа, тогашниот израелски премиер Шарон за првпат го актуализираше „Планот за поделба“, кој предвидува празнење на еврејсите населени зони.
Израел, кој се соочи со голем вооружен отпор во регионот, на 15 јуни 2005 година ги испразни и ги сруши илегалните еврејски населени места во Појасот Газа, а потоа беше принуден да се повлече од Газа.
- Ставот на страните кон „населените места“
Според Палестинците, еврејските населени места на Западниот Брег и во Источен Ерусалим, наместо обични населени места се претвориле во целосен колонијален систем во кој се наоѓаат патишта, универзитети, училишта и здравствени установи.
Според меѓународната заедница, еврејските населени места изградени од Израел во палестинските територии, се илегални и се едни од најголемите пречки на патот кон дводржавно решение кое ќе обезбеди мир. Единствениот исклучок на тоа се САД кои неодамна соопштија дека овие населени места ги сметаат за „легални“.
Израел ги игнорира апелите да не се градат еврејски населени места, и овие апели ги смета за „чекор за целосно отстранување на Евреите од Западниот Брег“ и за апели за вршење „етничко чистење“.
Палестинската ослободителна организација вели дека населените места изградени на палестинските територии се најголема пречка на патот кој води кон дводржавно решение, и дека овие населени места ја ослабнуваат можноста за постигнување праведен и постојан мир во регионот.
Во еврејските населени места изградени во окупираниот Источен Ерусалим и на Западниот Брег е забрането да живеат лица кои не се Евреи.
Мировните преговори меѓу Израел и Палестина беа запрени во април 2014 година бидејќи Израел не ги признава границите од 1967 година, не го признава правото за враќање на Палестинците кои биле принудени на миграција и не прифаќа да се запре изградбата на нови еврејски населени места.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео, на 18 ноември истакна дека веќе не ги сметаат како илегални еврејските населени места кои се наоѓаат во окупираниот Западен Брег.
news_share_descriptionsubscription_contact


