Şerife Çetin
21 Февруари 2018•Ажурирај: 21 Февруари 2018
БРИСЕЛ (АА) - ШЕРИФЕ ЧЕТИН - Португалската пратеничка во Европскиот парламент (ЕП) Ана Гомеш изјави „Јас, како Европејка, се срамам од политиката што ЕУ ја води кон бегалците и од состојбата во која се наоѓаме“, јавува Anadolu Agency (AA).
Пратеничката Гомеш во Брисел на новинарот на АА му одговараше на прашања во врска со бегалската политика на Европската Унија.
Гомеш давајќи своја оценка за слабоста на политиката на ЕУ во врска со бегалската криза, го истакна следното: „ЕУ на многу лош начин се справи со бегалското прашање. Ги прекрши основните и националните вредности на Европа“.
- „Основна причина за неуспехот се разликите меѓу земјите членки“ -
Според португалската пратеничка во Европскиот парламент Гомеш, една од главните причина за неуспехот на бегалската политика на ЕУ лежи во различноста на нејзините земјите членки. Таа истакна дека е правилна одлуката на ЕП за воведениот систем на квоти, според кој 160.000 бегалци од Италија и Грција треба да се распределат во земјите членки на ЕУ.
Целта на одлуката на Советот на ЕУ, според Гомеш беше давање „заеднички“ одговор на настанатиот проблем со бегалската криза што произлезе од војната во Сирија, за да не остане целиот товар врз пограничните земји на ЕУ, како што се Италија и Грција, кои се наоѓаат на патот на бегалската рута.
Гомеш смета дека е навистина тажно што некои земји бараа преиспитување на одлуката која е обврзувачка за сите земји членки. Таа потсети на земјите од Вишеградската група, предводени од Австрија, кои поттикнуваа говор на ксенофобија и зазедоа антиевропски став.
Европарламентарката посочи на фактот дека и во земјите што ги прифатија бегалците настанале контрадикторни политики. Неразбирлива ситуација има во Германија, која од една страна ги отвори вратите за околу 1 милион бегалци, а од друга страна е првата земја што го суспендираше Шенген-системот.
- „Се срамам од бегалската политика на ЕУ“ -
Според Гомеш, миграциите ќе бидат од голема корист за општествата, истакнувајќи дека Португалија ги отворила вратите за бегалците според можностите на државата. „Глупост е да се биде против миграциите. Според мене, популизмот е многу грд настан“, зборуваше Гомеш.
„Искрено, јас мислам дека не постои бегалска криза. Всушност, во криза се нашите вредности. Начинот на кој се справивме со азилантите коишто бегаа од војната, прогонот и судирите создадоа криза“, изјави европратеничката Гомеш.
Гомеш смета дека ЕУ треба да ја преиспита својата внатрешна и надворешна политика, додавајќи дека, на пример, доколку ЕУ водеше поинаква политика кон Сирија, ќе можеше да го спречи напуштањето на земјата од толкав број лица.
Од друга страна, Гомеш смета дека доколку ЕУ овозможи миграции по регуларни патишта, тогаш бегалците нема да ги ризикуваат своите животи и ќе може да се спречи да не западнат во рацете на криумчари со луѓе.
Гомеш истакна дека голем број земји не ги исполниле своите правни и морални обврски кон бегалците. „ЕУ покажува сериозен неуспех. Јас, како Европејка, се срамам од политиката што ЕУ ја води кон бегалците и од состојбата во која се наоѓаме“, рече Гомеш.
Упатувајќи одредени критики кон договорот за бегалци потпишан меѓу ЕУ и Турција, европарламентарката Гомеш потсети дека овој договор е потпишан под лидерство на германската канцеларка, Ангела Меркел. Гомеш изјави дека овој договор е проблематичен од морален и правен аспект, додавајќи дека договорот е постигнат со цел да се потисне говорот на ксенофобија од страна на десноориентираните партии што се во подем во Германија.
Гомеш смета дека договорот во исто време бил причина бегалците да се насочат кон алтернативни патишта.
- „Треба да ги цениме напорите што ги вложува Турција“ -
Гомеш рече дека во 2012 година го посетила Газиантеп и имала можност да ги посети бегалските кампови поставени од страна на турската држава. „Бегалските кампови поставени од страна на турската држава ми оставија убав впечаток и можам да кажам дека според можностите што ги нудат за сместување, се меѓу најдобрите кампови што сум ги видела“, изјави Гомеш.
Зборувајќи дека сите кампови ги немале подеднакво истите услови, Гомеш додаде: „Од друга страна, свесна сум за сериозните напори што ги вложува Турција. Треба да ги цениме напорите што ги вложува и во тие рамки ЕУ треба да ѝ даде поддршка на Турција“, оцени Гомеш.
Гомеш истакна дека во тие рамки Турција е една од најзначајните земја со кои ЕУ треба да соработува, додавајќи дека соработката околу заштитата на бегалците треба да се води во рамките на меѓународното право и закони.