Sena Güler
29 Мај 2019•Ажурирај: 30 Мај 2019
КАИРО (АА) - Египетските власти вчера започнаа нова истрага и повторно го уапсија новинарот на „Ал Џезира“, Махмуд Хусеин, кој минатата недела со судска одлука е пуштен на слобода откако во затвор помина две и пол години, јавува Anadolu Agency (AA).
Семејството Хусеин соопшти дека новинарот во саботата излегол од затворот во Тора и пристигнал во полициската станица во Гиза заради спроведување на процедуралниот дел од судската одлука за неговото излегување на слобода.
Истовремено, Обвинителството за државна безбедност на Египет започнало нова истрага.
Медиумската мрежа „Ал Џезира“ јавува дека новинарот Хусеин е уапсен повторно и дека му е одреден 15-дневен притвор.
Неговото семејство соопшти дека Хусеин повторно е вратен во затворот во Тора, но не откри за што го товари египетското Обвинителство во новата истрага.
Судот во Каиро минатиот вторник нареди пуштање на новинарот Хусен на условна слобода, а два дена подоцна ја одби жалбата на Обвинителството. Тој е уапсен кон крајот на 2016 година на аеродромот во Каиро. Обвинителството го товари за членство во забранета организација, ширење лажни вести и обид за дестабилизација на Египет.