Ekip
05 Октомври 2020•Ажурирај: 07 Октомври 2020
ДОХА
Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) финансираат медиуми и кампањи кои имаат за цел поттикнување против владејачките режими во Катар и Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според извештајот на телевизијата „Ал Џезира“ во Доха, ОАЕ водат дигитален проект наречен „арапско разузнавање“, кој има за цел неколку земји, вклучувајќи ги Турција и Катар.
Во извештајот се споменуваат пораките што протекоа во јавноста од страна на египетското Министерство за надворешни работи во врска со соработката на ОАЕ, Саудиска Арабија и Бахреин за напаѓање на Катар и неговите економски и медиумски институции на меѓународните арени.
Се наведува дека е блокирана мрежа од 271 лажен профил на Твитер, поврзани со компанијата „Дот Дев“. Оваа компанија, наводно, работела во ОАЕ и Египет со цел насочена против Катар и другите земји, вклучувајќи го и Иран.
Според извештајот, Твитер блокирал и 4.248 профили, што го имале како цел Катар, со илјадници погрешни и лажни твитови.
Во извештајот, исто така, се открива дека ОАЕ финансирале тинк-тенкови во Вашингтон за да поттикнуваат против Катар, во координација со блокот предводен од Саудиска Арабија.
Според извештајот, Абу Даби промовирал неколку хаштагови на Твитер за соборување на владејачкиот режим во Катар.
ОАЕ, Саудиска Арабија, Египет и Бахреин не дадоа никаков коментар во врска со обвинението.
Четирите земји ги прекинаа односите со Доха во средината на 2017 година и воведоа копнена, морска и воздушна блокада, обвинувајќи го Катар за поддршка на тероризмот и мешање во нивните внатрешни работи. Катар ги негира обвиненијата и изрази отвореност за дијалог за ставање крај на безизлезната ситуација.