Behçet Alkan
06 Август 2018•Ажурирај: 08 Август 2018
НЕВШЕХИР (АА) - Кападокија, која е значајна туристичка дестинација во Турција, ќе добие единствен природен подземен музеј, јавува Anadolu Agency (AA).
„Музеј Кападокија“ ќе биде изграден во близина на местото Аванос, на начин со кој ќе се приспособи на карпите од туф (вулканска карпа настаната со таложење на поситни вулкански материјали), кои пред неколку милиони години настанале при ерупција на лава.
Активностите за изградба на музеј започнаа во јануари, по што Министерството за култура и туризам распиша конкурс. Музејот во подземно природно опкружување на посетителите ќе им понуди визуелен приказ на минатото на Анадолија.
Отворениот простор се протега на површина од 50.000 квадратни метри, а музејот ќе има и затворен дел од 7.000 квадратни метри. Во рамките на комплексот ќе има и повеќенаменски конференциски сали, просторија за гледање документарни филмови, игротеки за деца и истражувачки центар. Исто така ќе бидат одгледувани и ендемски видови растенија.
Музејот од популарните туристички дестинации во Кападокија ќе биде оддалечен 15 минути возење.
Директор на музејот Мурат Ѓулјаз, изјави дека музејот значително ќе придонесе за туристичката понуда што Кападокија ја поседува, како што се самовилските оџаци, подземните градови и другите природни богатства и културно наследство.
Ѓулјаз е уверен дека музејот ќе биде најпрестижен во Турција, а ќе биде и меѓу популарните во светот.
„Наша цел е музејот да го отвориме во јули 2019 година. Подземниот музеј „Кападокија“ ќе биде еден од најважните музеи во светот, бидејќи станува збор за потполно природна конструкција. Единствен е во светот“, додаде Ѓулјаз.
Исто така, ќе бидат изработени и тематски оддели во кои ќе бидат изложени фосили од периодот пред неколку милиони години.
Музејот ќе има сопствен систем на регулација на топлината, така што нема да има потреба да се разладува во лето, односно да се загрева во зимскиот период.