Ekipa
11 Февруари 2019•Ажурирај: 11 Февруари 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Поранешниот потпретседател на Египет и добитник на Нобеловата награда за мир, Мухамед ел Барадеј, остро ја критикуваше актуелната египетската власт која забрани посети на притворениот соборен претседател Мухамед Мурси, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Забраната за посети на затвореникот во затворот е тешка како и самиот притвор“, порача Ел Барадеј на Твитер.
Во продолжение на пораката со наслов „Заробениот претседател“, Ел Барадеј наведува дека последната посета на Мурси му е одобрена во септември минатата година, и дека неговиот син Осама Мурси не го посетил од септември 2017 година.
„Да се забранат посетите во затворите е апсолутно неморален и одвратен чин. Дали нашата нова реалност е да бидеме нечовечни?“, порача Ел Барадеј.
Тој истакна дека во египетските затвори не се дозволени посети ниту на други притворени опозиционери, вклучувајќи ги и Ахмед Дума, Алу Абдулфетах, Шади ал Газали и Масум Марзук.
Паралелно со ова, Ахмед Мурси, помладиот син на соборениот со воен пуч египетски претседател Мурси, денес на социјалните мрежи објави дека египетските власти веќе 17 месеци не му дозволуваат да го посети својот брат Осама Мурси, кој исто така е во затворска ќелија.
Дипломатот и поранешен шеф на Меѓународната организација за атомска енергија (МААЕ) Ел Барадеј, неодамна на Твитер предупреди и дека одредени политичари и активисти се жртви на бруталното кршење на човековите права во Египет, и дека тоа претставува закана за иднината на Египет.
„Инженерот Јахја Хусеин Андулхади е уапсен и не се знае каде е. Инженерот Ешреф Шахат и д-р Мустафа ен-Неџар, исто така исчезнаа, д-р Абдулмуним Ебул Футу, д-р Шади ал-Газали Хар и д-р Хазим Абдулазим се во затворски ќелии. Тоа се само неколку од големиот број слични примери. Тоа не може да биде патот на иднината на Египет“, рече Ел Барадеј.
Египет е средиште на длабока криза од воениот удар со кој во јули 2013 година од власт беше соборен првиот демократски избран претседател на таа земја, Мухамед Мурси.
Ел Барадеј веднаш по воениот пуч е назначен за потпретседател на Египет, но во знак на протест поднесе оставка на 14 август истата година, по крвопролевањето на плоштадите во центарот на Каиро, до кое дојде за време на воената интервенција против демонстрантите.
Иако на почетокот беше на страната на пучистите, Ел Барадеј се оддалечи од нив откако војската примени сила против демонстрантите кои беа отворени за дијалог и политичко решавање на кризата.
Ел Барадеј потоа го напушти Египет и денес живее во странство. На Твитер често коментира за настаните во неговата родна земја и во арапскиот свет, а го следат над шест милиони луѓе.