Servet Günerigök
12 Октомври 2022•Ажурирај: 13 Октомври 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот милијардер Илон Маск ги отфрли наводите дека разговарал со рускиот претседател Владимир Путин пред да ја објави контроверзната анкета за Украина на Твитер, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во анкетата минатата недела, насловена како „Украина - Русија мир“, Маск праша „да“ или „не“ за повторување на референдумите во украинските региони анектирани од Москва, за признавањето на анексијата на Крим, за гаранцијата дека Крим ќе продолжи да се снабдува со вода и за неутралниот статус на Украина.
Претходно истиот ден, Ијан Бремер, шеф на консултантската компанија за политички ризици, Групацијата „Евроазија“, испрати билтен до своите претплатници во кој се наведува дека извршниот директор на „Тесла“ му кажал дека разговарал со рускиот претседател.
Подоцна, Бремер се огласи на Твитер: „Илон Маск ми кажа дека разговарал со Путин и со Кремљ директно за Украина. Тој, исто така, ми кажа кои се црвените линии на Кремљ.“
„Никој не треба да му верува на Бремер“, одговори Маск.
Пред дискусијата со Бремер, на прашањето на Твитер дали тоа е вистина или не, Маск одговори: „Имам зборувано со Путин само еднаш, и тоа пред околу 18 месеци. Темата беше вселената.“
Бремер во нареден твит напиша дека го пишува својот неделен билтен за геополитика веќе 24 години.
„Јас пишувам искрено без страв или благонаклоност, и овонеделните новости не се поразлични“, рече Бремер, подоцна додавајќи: „Долго време му се восхитував на Маск како единствен претприемач кој го менува светот, што го кажав и јавно. Тој не е експерт за геополитика.“
Билтенот прв го објави „Вајс њуз“ (Vice News).
Анкетата на Маск на Твитер во понеделникот за конфликтот меѓу Русија и Украина наиде на критики од украинските власти, по што украинскиот претседател Владимир Зеленски објави своја анкета прашувајќи ги неговите следбеници дали им се допаѓа Маск кој ја поддржува Украина или Русија.
Најостра реакција дојде од Андриј Мелник, украинскиот амбасадор во Германија.
„Единствениот исход е тоа што сега, ниту еден Украинец НИКОГАШ нема да ги купи вашите глупости од „Тесла“. Па нека ви е со среќа“, напиша Мелник во еден твит, додека во наредниот употреби пцовка за него.