Fırat Taşdemir
17 Јули 2022•Ажурирај: 18 Јули 2022
АНКАРА (АА) - Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, телефонски разговараше со францускиот претседател Емануел Макрон, известува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопштија од Дирекцијата за комуникации на Канцеларијата на турскиот претседател, двајцата лидери разговарале за односите на Туркије и Франција и за регионалните прашања.
Ердоган истакнал дека неговите очекувања се од противракетниот систем SAMP-T да се развие заеднички систем кој вклучува максимална соработка во рамките на принципот на потполна отвореност и да се обезбеди започнување на проектот за набавка.
Двајцата лидери разговарале и за неодамнешниот состанок во Истанбул за прашањето за испорака на украинското жито.
Ердоган потсетил дека на состанокот е одлучено со процесот на извозот на украинското жито да управува Координациониот центар, што ќе биде воспоставен во Истанбул, а кој ќе го сочинуваат Туркије, Русија, Украина и официјални претставници на Обединетите нации (ОН).
Претседателот на Туркије истакнал дека со брза имплементација на планот ќе се обезбеди големо олеснување во поглед на глобалната безбедност на храната.
На 13 јули во Истанбул се одржа квадрилатерален состанок Русија - Украина - Туркије - Обединети нации, на кој се разговараше за поморскиот транспорт на украинското жито и други продукти.
Министерот за одбрана на Република Туркије, Хулуси Акар, по состанокот на воените делегации на Туркије, Русија, Украина и претставниците на ОН за поморскиот транспорт на украинското жито изјави дека е договорено воспоставување на Координационен центар во Истанбул во кој ќе учествуваат претставници од сите страни.