Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
28 Јули 2022•Ажурирај: 29 Јули 2022
АНКАРА (АА) - Сега е време да се фокусираме на посредување за прекин на огнот помеѓу Русија и Украина, рече денеска министерот за надворешни работи на Туркије, Мевлут Чавушоглу, по потпишувањето на Договорот за извоз на жито минатата недела, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи на Грузија, Илиа Дарчиашвили, Чавушоглу го пофали Договорот за извоз на жито потпишан во Истанбул изминатиот петок со ОН, Русија и Украина, велејќи дека благодарение на договорот, „пречките за извоз не само на украинското жито туку и на руското жито и ѓубриво се отстранети“, помагајќи да се нахрани гладниот свет.
Договорот дојде по согласноста која беше постигната помеѓу страните за време на разговорите во Истанбул за формирање координативен центар со цел да се спроведат заеднички инспекции на влезовите и излезите од пристаништата и да се осигура безбедноста на рутите.
Меѓународно пофалена за својата улога на посредник, Туркије се координира со Москва и Киев за да се отвори коридор од украинскиот пристаништен град Одеса, со што би продолжиле глобалните испораки на жито кои долго време беа блокирани поради војната со Русија и Украина, која трае шести месец по ред.
Искажувајќи надеж дека договорот ќе биде спроведен без прекини и проблеми, Чавушоглу рече дека житото и пченицата потоа можат да се транспортираат во земјите кои имаат итна потреба.
„Ако договорот успешно се спроведе“, додаде тој, „ова навистина ќе ја зајакне довербата помеѓу Русија и Украина.“
„Сега е време да се фокусираме на прекин на огнот. Ова не е само процес кој треба да биде спроведен на ниво на министри за надворешни работи“, додаде Чавушоглу, искажувајќи ја подготвеноста на Туркије да биде домаќин и посредник во преговорите помеѓу Русија и Украина кон постигнување траен мир.