Gözde Bayar
05 Ноември 2022•Ажурирај: 06 Ноември 2022
АНКАРА (АА) - Туркије ја покажа својата дипломатска моќ во текот на војната меѓу Русија и Украина, изјави денес претседателот Реџеп Таип Ердоган, известува Агенција Анадолија (АА).
„Нашата критична улога во отворањето и одржувањето на коридорот за жито, како и размената на заробениците (меѓу Русија и Украина), е важен пример за дипломатската моќ на Туркије“, изјави претседателот Реџеп Таип Ердоган на Форумот за политика и нови парадигми во Истанбул.
Туркије играше улога на балансирачка сила од почетокот на војната во февруари, благодарение на нашите односи со рускиот и украинскиот претседател и генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), додаде турскиот претседател.

Анкара и Ердоган оваа недела повторно беа на чело на посредничките напори, откако Москва се повлече од договорот за жито што го потпишаа Туркије, ОН, Русија и Украина во јули.
Русија се повлече од договорот на 29 октомври, обвинувајќи ја Украина за напад на нејзината поморска флота стационирана во Црното Море.
Туркије и ОН успеаја да ја уверат Москва да ја преиспита одлуката, ставајќи крај на тензиите што се закануваа да ја влошат глобалната криза со храна.