Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
28 Мај 2022•Ажурирај: 30 Мај 2022
БАКУ (АА) – Со оглед на фактот што Турција и Азербејџан уживаат силни, длабоко вкоренети односи, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, денес го истакна стратешкото сојузништво зацементирано со минатогодишната Декларација по победата на Азербејџан во регионалниот конфликт со Ерменија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Прво ги издигнавме нашите односи со Азербејџан до стратешко партнерство, а минатата година до стратешко сојузништво со Декларацијата од Шуша“, рече Ердоган во обраќањето на главниот турски фестивал за воздухопловство, вселена и технологија Технофест, што за прв пат се одржува надвор од границите на Турција, во главниот град на Азербејџан, Баку.
Велејќи дека двете земји ги подигнале билатералните односи на ниво кое е пример не само за регионот, туку и за целиот свет, Ердоган рече: „Ние го организираме Текнофест, најпопуларниот светски фестивал за воздухопловство, вселена и технологија, во Баку, бисерот на Каспиското Море, со слоганот 'Еден народ, две држави, еден фестивал'.“
„Исто како турска Анадолија, исто како и самата Турција, и Азербејџан е наша татковина“, додаде турскиот претседател.
„Како што немаме планови за ничија територија или суверенитет, исто така немаме и нема да имаме ниту педа земја за губење од луѓе со злобни намера“, изјави тој.
Ердоган додаде дека Турција силно ги поддржува напорите на Азербејџан за воспоставување траен мир со соседна Ерменија.
Подигнувајќи ги односите меѓу Турција и Азербејџан на ниво на сојуз, Декларацијата беше потпишана на церемонија на која присуствуваа претседателите на двете земји во азербејџанскиот град Шуша, ослободен во ноември 2020 година од речиси 30-годишната ерменска окупација.
Декларацијата се фокусира на соработка на полето на одбраната и воспоставувањето нови транспортни рути, потврдувајќи ги заедничките напори на двете армии во соочувањето со странските закани и реструктурирањето и модернизацијата на вооружените сили.
Во декларацијата се осудуваат неоснованите обвинувања на Ерменија против Турција и обидите за искривување на историјата и начинот на кој тоа му наштетува на мирот и стабилноста во регионот. Во декларацијата се наведува и дека отворањето на коридорот Зангезур, кој ги поврзува источна Турција и Азербејџан, и железницата Нахичеван-Карс дополнително ќе придонесат за зајакнување на меѓусебните односи.
Инаку, Турција беше клучен поддржувач на Азербејџан за време на 44-дневната војна во Нагорно-Карабах меѓу Азербејџан и Ерменија, која избувна на 27 септември 2020 година и заврши на 10 ноември со прекинот на огнот со посредство на Русија и значителни придобивки на Азербејџан.