Necva Taştan Sevinç
10 Јули 2025•Ажурирај: 11 Јули 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Естонија се закани дека ќе го блокира 18-тиот пакет санкции на Европската Унија кон Русија, доколку блокот не се согласи да ја намали границата на цената за руската нафта од 60 на 45 долари по барел, изјави естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахкна, јавува Анадолу.
„Нашата позиција е јасна – ограничувањето на цената на нафтата мора да биде дел од овој пакет“, изјави Цахкна за естонската национална телевизија ЕРР, додавајќи дека намалувањето на лимитот би било „најмоќниот елемент“ во новиот обид на ЕУ да ги намали енергетските приходи на Москва.
Сегашното ограничување на ЕУ, воведено во 2022 година кога цената на нафтата изнесуваше над 100 долари по барел, забранува транспорт на руска сурова нафта со бродови под знаме на ЕУ доколку таа се продава над утврдената граница. Исто така, се забранува вклучување на осигурителни компании и даватели на услуги со седиште во ЕУ да работат на такви испораки.
Во моментов, со нафтата се тргува по околу 69 долари по барел.
Цахкна ги критикуваше и обидите на одредени земји членки да го ослабат предлогот. Според естонскиот портал Делфи, медитерански земји со развиен бродски сектор – особено Малта – настојуваат да се исклучи ограничувањето за нафтата од договорот.
Естонија, пак, инсистира санкциите да се усвојат согласно со првичниот предлог на Европската комисија.
„Нашата позиција во врска со ова е цврста“, изјави Цахкна, додавајќи дека Талин се надева оти поголемите земји членки на ЕУ ќе ја поддржат нивната позиција.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, минатиот месец предложи да се намали ограничувањето, како дел од пошироките напори за намалување на приходите на Русија од фосилни горива, со кои се финансира војната во Украина.
Иако лимитот од 60 долари е непроменет повеќе од една година, се појавуваат индиции дека земјите од Г7 и САД би можеле да поддржат поагресивен пристап.
Цахкна посочи на неодамнешни сигнали од Вашингтон, вклучително и иницијативата за санкции предводена од американските сенатори Линдзи Греам и Ричард Блументал, како доказ за растечката поддршка.
„Ако овие мерки се спроведат истовремено, тоа може сериозно да изврши притисок врз Русија“, истакна тој.
Разговорите за новиот пакет санкции на ЕУ сè уште се во тек, а конечна одлука сè уште не е донесена.