Ömer Tuğrul Çam
17 Март 2021•Ажурирај: 18 Март 2021
БРИСЕЛ
Европската Унија (ЕУ) подготви законска регулатива за „сертификатот за вакцина“, што се планира да се користи при патувања во границите на Унијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Соодветно на тоа, сертификатот за вакцина ќе вклучува информации што покажуваат дали луѓето примиле вакцина против Ковид-19 или не, за која вакцина станува збор и каде ја примиле, документ за закрепнување и нивото на антитела на оние што ја прележале оваа болест, како и ПЦР-тест за Ковид-19.
Со сертификатот, ограничувањата за патување за лицата што имаат примено вакцини против Ковид-19, одобрени во ЕУ, можат да бидат укинати. Сепак, земјите од ЕУ сами ќе одлучат дали да ги прифатат другите вакцини.
Досега од ЕУ се одобрени вакцините од компаниите „Фајзер-Бајонтек“, „Модерна“, „АстраЗенека“ и „Џонсон и Џонсон“. Освен „Џонсон и Џонсон“ другите вакцини се користат во земјите на ЕУ од почетокот на годината.
Сепак, некои земји како Унгарија и Словачка веќе некое време користат вакцини произведени во Русија и Кина. Во ЕУ продолжува прелиминарниот процес за проценка на употребата на руската вакцина „Спутник V“. Постои можност вакцината „Спутник V“ да се користи и во ЕУ во текот на летните месеци, доколку производителот аплицира и добие одобрение.
Документот што Комисијата на ЕУ го нарекува „дигитален зелен сертификат“, познат и како „пасош за вакцина“ или „картичка Ковид“, ќе биде подготвен во печатена форма или дигитално. Луѓето што не се вакцинирани, со цел да се спречи дискриминација, исто така, ќе можат да имаат сертификат.
Сертификатот што на жителите на земјите од ЕУ ќе им биде даден бесплатно, ќе вклучува QR-код. Со овој код ќе се осигурат автентичноста и безбедноста на сертификатот. Комисијата на ЕУ ќе развие софтвер каде што ќе може да се провери сертификатот во сите земји на ЕУ.
Земјите во ЕУ сами ќе одлучат кои ограничувања ќе бидат укинати за оние што го имаат овој сертификат. Ќе се спроведат студии за меѓународно меѓусебно признавање на сертификатот. Документот ќе биде изготвен на јазикот на земјата и на англиски јазик.
Доколку некоја земја членка продолжи со практиките за карантин или тестирање на оние што имаат сертификација, тоа ќе мора да го пријави до Комисијата на ЕУ и другите земји членки и да ги објасни причините зошто ги спроведува тие практики.
Сертификатот за вакцинација исто така ќе важи во сите земји на ЕУ, како и во Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија. Сертификатот може да им се даде на граѓаните на ЕУ и на нивните семејства. Исто така сертификатот ќе може да им биде даден и на жителите што не се од земји членки на ЕУ, но имаат дозвола за престој во ЕУ.
Сертификатот може да го добијат и лицата што ќе патуваат во ЕУ од трети земји. Лице кое сака да оди во земјите на ЕУ ќе може да побара сертификат за вакцинација откако ќе ги достави потребните документи до земјата каде што ќе патува. Земјата што ги проценува документите ќе биде овластена да одлучи дали ќе издаде или нема да издаде сертификат.
Во наредните месеци, исто така, ќе биде можно сличен меѓународен сертификат за вакцини издаден од трета земја да биде признаен од ЕУ. При признавањето на таков документ, ќе се разгледа дали ги исполнува истите барања на ЕУ за нејзиниот сертификат. За признавање на сертификат за вакцина на друга земја, ќе треба да се користат вакцини одобрени во ЕУ, но самите земји на ЕУ ќе можат да одлучат кои вакцини ќе бидат признати.
Планирано е сертификатот да се подготви до лето. Ова бара одобрување од Европскиот парламент и Советот на ЕУ. Покрај тоа, од земјите членки се бара брзо да ја подготват техничката инфраструктура.