Şerife Çetin
05 Март 2020•Ажурирај: 09 Март 2020
БРИСЕЛ (АА) - Портпаролот на Европската комисија , Ерик Мамер, рече дека „условите“ ќе утврдат дали е легално Грција да користи пластични куршуми против мигрантите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Одговарајќи на прашањата на новинарите на дневната прес-конференција, Мамер зборуваше за мигрантите на грчката граница.
На прашањето „Дали е законски Грција да користи пластични куршуми против мигрантите според законот на ЕУ?“, Мамер рече: „Тоа зависи од околностите. Грчките власти мора да одлучат и да преземат соодветни чекори.“
Посочувајќи дека ситуацијата на грчката граница е многу тешка, Мамер рече: „Очекуваме грчките власти да ги заштитат своите граници и да го сторат тоа во согласност со меѓународното право. Грчките власти се наоѓаат во многу сложена и тешка состојба.“
Од друга страна, портпаролот за надворешни работи на ЕУ, Петер Стано, даде изјава во врска со Идлиб и посетата на претставниците на ЕУ во Турција.
„Сегашната ситуација во пограничниот појас која ја става ЕУ под притисок е неприфатлива“, нагласи Стано.
Стано, истакнувајќи дека ЕУ и Турција треба да се вратат на „нормална состојба“, нагласи: „Вонредниот состанок на министрите за надворешни работи што ќе се одржи утре е значаен. Земјите членки ќе дискутираат за предлозите, вклучувајќи и за зоната забранета за летање.“
Истакнувајќи дека Турција и ЕУ имаат заеднички цели, Стано рече: „Нашата главна цел е да се најде решение за кризата во Сирија, што доведе до проблеми и во врска со мигрантите и во однос на Турција.“
Стано додаде дека ситуацијата во Сирија е многу сериозна и дека е неприфатливо да се напаѓаат цивилите во Идлиб.