Ata Ufuk Şeker
13 Декември 2020•Ажурирај: 14 Декември 2020
БРИСЕЛ
Раководствата на Европската Унија (ЕУ) и Велика Британија одлучија да ги продолжат преговорите за идните односи по излегувањето на Британија од Унијата, а и понатаму се изразени несогласувања во врска со трите точки од преговорите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, рече дека преговорите ќе бидат продолжени, без оглед на тоа што истече предвидениот рок за постигнување договор.
Таа во Брисел за новинарите изјави дека телефонски разговарала со британскиот премиер Борис Џонсон и тоа за клучни теми од преговорите.
„На преговорите во последно време работиме и деноноќно. Сметаме дека сега е потребно да се вложат дополнителни напори, без оглед што се вложени толку напори во текот на едногодишните преговори и што се пречекорени планираните рокови“, рече Фон дер Лејен.
Челниците на ЕУ и Велика Британија, Фон дер Лејен и Џонсон, на претходниот состанок одредија оваа недела да биде рокот за постигнување договор, но денес ги повикаа своите преговарачки тимови и им дадоа инструкции за продолжување на преговорите во Брисел.
Останаа помалку од три седмици до крајот на годината и до истекувањето на транзицискиот период и формалниот рок за постигнување договор за идните економски и други односи помеѓу ЕУ и Велика Британија.
Во случај двете страни да не постигнат таков договор, идните односи ќе се одвиваат според правилата на Светската трговска организација (СЗО).
Договорот треба да ги регулира клучните теми, како што се изработката на чесни конкурентски правила, механизмите за решавање на трговските спорови и правата за риболовство.
Поминаа 4,5 години откако Британците на референдум со 52-процентно мнозинство го изгласаа Брегзит, излегувањето од ЕУ.
Заговарачите на Брегзит тврдат дека земјата така ќе ја поврати контролата на сопствениот суверенитет, границите и надворешната политика, а подолго од три години траеше процедурата за формално излегување на Британија од Унијата, додека процедурата за конечен и дефинитивен Брегзит сè уште трае.