Bahattin Gönültaş
20 Септември 2020•Ажурирај: 21 Септември 2020
БЕРЛИН (АА) - Европската Унија (ЕУ) подготвува построги правила за големите технолошки компании за да обезбеди фер конкуренција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во веста на „Фајненшал тајмс“ се наведува дека Европската комисија подготвува предлог-закон што ќе ги принуди големите технолошки компании, како што се „Алфабет“, „Амазон“, „Епл“, „Фејсбук“ и „Мајкрософт“, да го поделат или да го продадат делот што работи во Европа, доколку нивната доминација на пазарот во Европа ги загрози интересите на клиентите и помалите компании.
Се наведува дека со Законот за дигитални услуги, што Европската комисија планира да го претстави до крајот на годината, компаниите како што се „Фејсбук“ и „Твитер“ ќе треба да ги зголемат своите одговорности и обврски во врска со содржината на социјалните медиуми.
„Алфабет“, „Амазон“, „Епл“, „Фејсбук“ и „Мајкрософт“, петте најголеми технолошки компании во САД, остваруваат во просек четвртина од својата продажба во Европа. Овие компании долго време се цел на институциите за конкуренција на Европската Унија (ЕУ). Нивните помали конкуренти се жалат дека се исклучени од значајните деловни области.