Davit Kachkachishvili
29 Јуни 2022•Ажурирај: 30 Јуни 2022
ХАРКОВ (АА) - Украинците се обидуваат да ги избришат трагите на војната во селата над кои е вратена контролата од руските војници во регионот Харков, јавува Агенција Анадолија (АА).
Жителите на селото Мала Рохан, кое ги носи трагите на судирот, ги поправаат оштетените куќи и продолжуваат да се занимаваат со земјоделство.
На влезот во селото вниманието го привлекуваат цивилните и воените возила кои се уништени од тенковите.
Во разговор за АА, жител на ова село, Василиј Забара, рече дека не очекувале дека Украина ќе биде толку брутално нападната.
„Постоеше опасност, но не очекувавме дека Русија толку брзо ќе нѐ нападне. Конвој од руски тенкови и оклопни возила почна да влегува во селото на 26 февруари, два дена по почетокот на војната“, се присети овој 71-годишник.
„Руската војска во селото воспостави привремена база и оттаму почна да го напаѓа регионот Харков“, појасни Забара и додаде:
„Четири дена по влегувањето во селото, руските војници ги пребараа сите куќи.“
Наведувајќи дека поради интензивните судири во селото се засолниле во подрум, тој раскажа:
„Во засолништето сме еден месец. Беше студено, температура беше под нула. Ќерката, сопругата и 12-годишниот внук се со мене. Сите бевме многу исплашени.“
Тој раскажа дека украинските војници влегле во селото на 27 и 28 март и ја вратиле контролата, додавајќи дека тие два дена се случиле најинтензивните судири во селото.
Според неговите зборови, руските авиони секојдневно го гаѓале регионот. Додаде дека звукот на експлозиите сега станал дел од нивното секојдневие.
Рече дека се обидува да ја поправи својата оштетена куќа и штала со помош на комшиите.
„Животот оди понатаму. Мораме некако да живееме. Мораме да продолжиме со животите. Немаме друг избор“, заклучи Забара.