Fatma Esma Arslan
15 Август 2021•Ажурирај: 17 Август 2021
ДАКАР
Прв случај на ебола по 1994 година забележан е во африканската држава Брегот на Слоновата Коска, известува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството за здравство се наведува дека еболата е откриена кај 18-годишен тинејџер од Гвинеја, додавајќи дека заразеното лице веднаш е ставено во карантин.
Споменатото лице во земјата пристигнало по копнен пат од гвинејскиот град Лабе.
Безбедносните сили што работат на границата, загрозените групи и здравствените тимови што биле во контакт со пациентот ќе бидат итно вакцинирани против ебола.
Светската здравствена организација (СЗО) објави дека 5.000 вакцини против ебола наменети за Гвинеја ќе бидат пратени во Брегот на Слоновата Коска.
Првенствено откриена во 1976 година, оваа болест предизвика глобална тревога во 2014 година, кога во западна Африка започна епидемија во која животот го загубија повеќе од 11.300 луѓе и според слободните проценки, заразеност на 28.600 лица во Либерија, Гвинеја и Сиера Леоне.
Еболата е позната како вирус на хеморагиска треска што се шири со директен контакт преку телесни течности - крв, плунка, пот, солзи, слуз, мајчино млеко и урина од заразените лица.
Вирусот предизвикува проблеми со коагулацијата на крвта, што предизвикува внатрешни крварења, воспаленија и оштетување на ткивата. Исто така, се шири и со допир на предмети што се контаминирани со телесни течности.