Ahmed Asmar
28 Февруари 2024•Ажурирај: 29 Февруари 2024
РАМАЛА (АА) - Израелската Армија денес упадна во градот Калкилија, во северниот дел на окупираниот Западен Брег, и изврши рација во неколку домови во градот, јавува Анадолу.
Очевидци за АА изјавија дека израелската Армија распоредила снајперисти на покривите на куќите и затворила неколку населби во Калкилија.
Поради ова, Одделот за образование во Калкилија најави прекин на работата на училиштата, а наставата се изведува преку онлајн платформи.
Забележани се и нови израелски рации во градот Џенин, кои предизвикаа судири со Палестинците, во кои е повреден најмалку еден Палестинец, а причинета е и голема штета на градската инфраструктура и на имотот на луѓето.
Тензиите се зголемија низ Западниот Брег откако Израел започна смртоносна воена офанзива во Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.
Најмалку 406 Палестинци од Западниот Брег се убиени од страна на израелските сили и доселеници од 7 октомври, покрај повеќе од 4.600 ранети.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за смртоносниот напад на Појасот Газа во кој загинаа околу 30.000 луѓе.
Во привремената пресуда во јануари, судот со седиште во Хаг му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.
И покрај судската наредба, Израел продолжи со нападите во Појасот Газа.