Aida Cako
26 Јануари 2026•Ажурирај: 27 Јануари 2026
ГАЗА (АА) – Во Појасот Газа во тек се работи за обнова на Големата Омарова џамија, откако овој историски верски објект претрпе сериозни оштетувања за време на израелските напади, јавува Анадолу.
Џамијата, која се наоѓа во стариот дел на градот Газа, е една од најголемите и најзначајни историски џамии во Појасот Газа, со површина од околу 4.100 квадратни метри.
Видеоснимките од теренот прикажуваат урнати делови од објектот, оштетена камена конструкција и расфрлани книги по подот на библиотеката во рамки на џамијата.
Инженерот Хусни ал-Мазлум од Фондацијата „Ривак“ изјави дека тимовите за реставрација се фокусираат на сортирање и повторна употреба на преостанатите камења од локацијата, поради сериозниот недостиг од градежни материјали.
„Ги сортираме и повторно ги користиме преостанатите камења од објектот и ги подготвуваме за обнова и реконструкција според можностите што ги имаме“, изјави Ал-Мазлум.
Тој истакна дека пристапот до основни материјали останува исклучително ограничен поради војната и долгогодишните рестрикции, додавајќи дека залихите што постоеле пред конфликтот веќе се исцрпени, поради што тимовите се принудени да го обновуваат објектот со материјалите што се достапни.
Според Ал-Мазлум, моменталните напори за реставрација се насочени кон главната сала за молитва, која зафаќа околу 1.250 квадратни метри од поширокиот комплекс.
Тој додаде дека Големата Омарова џамија содржи повеќе архитектонски елементи, вклучувајќи источна и западна сала за молитва, аркади и библиотека, а целта на обновата е зачувување на оригиналниот изглед на објектот.
Во меѓувреме, Палестинците го обвинуваат Израел за повеќекратно кршење на договорот за прекин на огнот, со кој беше запрена двегодишната војна што, според локалните власти, однесе повеќе од 71.000 животи, најмногу жени и деца, а беа повредени речиси 171.400 лица од октомври 2023 година.
Според Министерството за здравство во Газа, најмалку 484 Палестинци се убиени, а 1.321 се повредени од почетокот на кревкиот прекин на огнот.