Ömer Koparan,Eşref Musa
22 Ноември 2022•Ажурирај: 24 Ноември 2022
ТЕЛ АБЈАД/ЏАРАБУЛУС (АА) - Во градовите Тел Абјад и Џарабулус во северна Сирија училиштата денес беа затворени поради нападите на терористичката организација ЈПГ/ПКК, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Официјалните претставници на локалниот совет, кои сакаа да останат анонимни, рекоа дека образовниот процес во училиштата во Џарабулус и во Тел Абјад е запрен до понатамошно известување.
Официјалните лица објаснија дека одлуката е донесена поради зголемените напади на терористите на ЈПГ/ПКК врз цивилните населби во областа.
Околу 66.000 ученици се запишани во 334 училишта во Џарабулус и Тел Абјад. Во понеделникот терористите на ЈПГ/ПКК извршија ракетни напади во Џарабулус.
„Училиштата беа затворени денес поради гранатирањето на ЈПГ/ПКК околу Каркамиш и Џарабулус“, изјави за АА жителот на Џарабулус, Убајда Билал.
Тој рече дека семејствата стравуваат за безбедноста на своите деца бидејќи градот е под напад на терористите на ЈПГ/ПКК.
„Затворањето на училиштата им дава одредено олеснување на семејствата“, додаде тој.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, којашто е ставена на листата на терористички организации од страна на Туркије, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на повеќе од 40.000 лица, вклучувајќи жени и деца. ЈПГ е сириски огранок на терористичката ПКК.