Elena Teslova
29 Декември 2022•Ажурирај: 30 Декември 2022
МОСКВА
Иницијативата на Киев да ја лиши Москва од постојаното членство во Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) и да ја исклучи од ОН е изградена на целосно изопачена логика, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, јавува Агенција Анадолија (АА).
„По оваа логика може да се извлече заклучок дека сите одлуки на Советот за безбедност на ОН, почнувајќи од распадот на Советскиот Сојуз, се нелегитимни“, изјави Захарова на прес-конференција во Москва.
„Оваа логика е целосно изопачена. Тогаш, следејќи ја оваа логика, можеме да претпоставиме дека сите одлуки што беа донесени во Советот за безбедност од моментот кога исчезна Советскиот Сојуз, а Русија со право го зазеде неговото место, се нелегитимни од гледна точка на Министерството за надворешни работи на Украина. Па, ако нашето присуство таму е нелегитимно, тогаш одлуките се нелегитимни?“, изјави таа.
Захарова додаде дека „тоа е како да читаш некоја фикција“ и „нема никаква врска со меѓународното право, реалноста или дипломатијата“.
Украинското Министерство за надворешни работи во понеделникот издаде официјално соопштение во кое сугерира на Русија да ѝ се одземе статусот на постојана членка во Советот за безбедност на ОН и да биде исклучена од меѓународната организација.
Во врска со обвинувањата на Киев дека акциите на Москва на линијата на фронтот се во спротивност со нејзините повици за мир, Захарова потсети дека Украина на законодавно ниво обезбедила неможност за разговори со Русија.
Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, во понеделникот изјави дека Киев би сакал да одржи мировен самит на платформата на ОН без Москва, бидејќи активностите на линијата на фронтот се во спротивност со нејзините повици за мир.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски на 4 октомври потпиша декрет, со кој се забранува секаков вид мировни преговори со Москва сѐ додека Владимир Путин продолжи да ја извршува функцијата претседател на Русија.