Yusuf Özcan
16 Април 2019•Ажурирај: 16 Април 2019
ПАРИЗ (АА) - Пожарот кој избувна во познатата париска катедрала „Нотр Дам“ во Франција, згаснат е по 8,5 часа, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на противпожарната служба, Габриел Плус, информираше дека пожарот во „Нотр Дам“ е згаснат.
Телевизискиот канал „Франс 24“ (France 24), врз основа на изјавите добиени од власта, објави дека пожарот што ја зафати катедралата е згаснат.
Пожарот, кој избувна во „Нотр Дам“ во 18:50 часот по локално време, згаснат е во 3:20 часот. Во пожарот во потполност е уништена едната од кулите на катедралата, висока 93 метри, а покривот на објектот целосно се распадна. Во гасењето на пожарот учествуваа 500 пожарникари и благодарение на нивната интензивна работа, спасени се северната кула и основната конструкција.
Според информациите објавени во француските медиуми, за само неколку часа, на социјалната мрежа Твитер во врска со пожарот објавите се споделени 1,6 милион пати.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, кој пожарот го окарактеризира како една „трагедија“, изјави „Треба да се гордееме, бидејќи пред повеќе од 800 години ние ја изградивме оваа катедрала. Би сакал да ве известам дека заедно повторно ќе ја изградиме.“
Иако засега не е позната причината за избувнувањето на пожарот, претставниците на противпожарната служба информираа дека пожарот „најверојатно“ е предизвикан од активностите за реновирање, вредни 6 милиони евра.
Големите оштетувања на катедралата „Нотр Дам“, еден од симболите на Франција, изградена пред 856 години, која успеа да опстане и покрај војните, покрај Французите, во голема мерка ги растажи и Европејците.
Додека европските лидери ја изразуваат својата тага, Фондацијата „Наследство“, која спроведува активности поврзани со историските објекти, објави дека ќе започне национална кампања за реставрација на катедралата.
Француското милијардерско семејство Пино соопшти дека ќе донира 100 милиони евра за реконструкција на катедралата.