Riyaz Khaliq Khaliq
02 Ноември 2021•Ажурирај: 03 Ноември 2021
ИСТАНБУЛ
Бројот на самоубиства меѓу вработените жени во Јапонија се зголеми за време на пандемијата на коронавирусот, се наведува во извештајот на јапонската влада, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Белата книга за превенција на убиства, која ја одобри Владата, покажува дека бројот на самоубиства меѓу жените се зголемил за 935 во 2020 година, достигнувајќи вкупно 7.026 самоубиства, објави државната телевизија НХК.
Порастот на бројот на самоубиствата е прво зголемување во последните две години.
„Ова сугерира дека причината може да биде промена на работните услови предизвикани од ширењето на коронавирусот“, се додава во извештајот.
Кај мажите кои извршиле самоубиство, бројот е намален за 23, вкупно 14.055, што е 11-ти пат по ред Јапонија да бележи пад на бројот на самоубиства кај мажите.
Вкупно 21.081 лице си го одзеде животот во оваа островска земја минатата година, што е зголемување за 912 во споредба со 2019 година.
„Ова е прво зголемување на годишно ниво од 2009 година. Претходното зголемување следуваше по глобалната финансиска криза во 2008 година“, се вели во извештајот.
Најголем пораст на самоубиствата кај вработените жени е забележан кај оние кои работеле во канцеларии, обезбедувале здравствена заштита или други видови услуги.
„Промените во работната средина и односите со другите на работа се наведуваат како можни причини или мотиви за самоубиство кај жените“, се наведува во извештајот.
Во Јапонија, третата по големина економија во светот, регистрирани се вкупно над 1,72 милиони случаи на Ковид-19, од кои животот го загубија 18.275 заразени.