Talha Yavuz
25 Февруари 2022•Ажурирај: 26 Февруари 2022
КИЕВ (АА) ‒ Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, упати апел до рускиот претседател Владимир Путин да седнат на преговарачка маса со цел се спречат понатамошни загуби на животи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Зеленски преку социјалните мрежи објави видеопорака, апел кој на руски јазик го упати до Путин.
„Сакам уште еднаш да упатам апел до претседателот на Русија; во цела Украина се случува војна, да седнеме на преговарачка маса за да се спречи загуба на животи“, рече Зеленски.
Обраќајќи се на Вооружените сили на Украина, Зеленски истакна: „Останете силни. Вие сте единственото нешто што го имаме, вие сте единственото нешто што ни ја штити државата. Да живее Украина!“
„Руската окупација на Украина не е само окупација, туку е почеток на војната против Европа“, рече Зеленски, додавајќи дека оваа состојба е против единството на Европа и против сите принципи на континентот.
Украинскиот претседател нагласи дека состојбата во неговата земја потсетува на Втората светска војна.
„Сигурен сум дека сите вие, цела Европа го гледа тоа. Но ние не гледаме дека ќе направите нешто во целосна смисла. Како ќе се штитите себеси штом толку бавно ѝ помагате на Украина?“, истакна тој.
Зеленски ги поздрави секторските санкции на Западот против Русија, но рече дека руските тенкови сѐ уште ги гаѓаат населените места и дека оклопните возила продолжуваат да напаѓаат, вклучувајќи и цивили.
Претседателот на Украина истакна дека Европа има моќ да ја спречи оваа агресија, и додаде: „Што ли очекуваме повеќе од европските држави? Укинување на визите за Русите, нивно отстранување од системот на СВИФТ, целосна изолација на Русија, повлекување на амбасадорите, ембарго на нафта и затворање на воздушните простори. Денес сиве овие прашања треба да бидат на маса бидејќи тоа е закана за сите нас, за цела Европа.“