Elena Teslova
25 Февруари 2022•Ажурирај: 25 Февруари 2022
МОСКВА (АА) ‒ Русија ќе се врати на преговорите со Украина откако Украинските вооружени сили ќе се предадат и ќе го положат оружјето, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, на вториот ден од руската воена интервенција во Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тој ја повтори претходната изјава на претседателот Владимир Путин дека целта на нападот е да се „денацифицира“ Украина.
„Подготвени сме да преговараме во секој момент штом Украинските вооружени сили одговорат на нашиот предлог, да престанат со отпорот и да го положат оружјето. Никој нема да ги злоупотреби, никој нема да ги угнетува, ќе се вратиме кај нашите семејства и ќе дозволиме украинскиот народ сам да одлучува за својата судбина“, рече Лавров.
Објаснувајќи ги мотивите на Русија, Лавров рече дека Москва осум години се обидува да ја реши украинската криза по мирен пат, со промовирање на имплементацијата на Договорот од Минск од 2014 година, додека Киев го „саботирал процесот со поддршка од Западот“.
„Украинскиот народ мора да биде независен, тој мора да има влада што ќе ја претставува целата негова различност, без надворешно владеење, а исто така и без такво владеење кое поттикнува геноцид и ја користи Украина како алатка за ограничување на Русија“, нагласи Лавров.
На прашањето дали украинскиот претседател Владимир Зеленски побарал разговори и безбедносни гаранции, Лавров рече дека Зеленски барал само средби во форматот на Нормандиската четворка и безбедносни гаранции од НАТО.
„Шансата за преговори беше на маса до последен момент, а Русија ќе се врати на преговорите по воената операција“, рече шефот на руската дипломатија.
Тој нагласи дека Русија не ја признава Владата на Зеленски како легитимна власт на Украина.
Во очите на Москва, тоа е „режим под два надворешни контролни механизми, САД и нацистите“, изјави Лавров.
Тој тврди дека „никој нема да ја окупира Украина“, инсистирајќи дека целта на Русија е „демилитаризација“ и ослободување на земјата од „нацистичката идеологија што цветаше во Украина во последните години“.
„Никој нема да го нападне украинскиот народ, ниту да се однесува со Украинската армија на понижувачки начин. Не се изведуваат никакви удари врз цивилната инфраструктура или персоналот на Вооружените сили на Украина“, рече Лавров.
По настаните на плоштадот „Мајдан“ во Киев, Украина, во 2014 година, на власт дојде прозападна Влада, а тогашниот претседател Виктор Јанукович побегна од државата. Русија тогаш незаконски го анектира Крим. Сепаратистите прогласија таканаречена управа во регионите Доњецк и Луганск, каде што мнозинството од населението е со руско потекло. Потоа избувнаа крвави судири меѓу проруските сепаратистички сили и украинската војска.
Договорите во Минск беа потпишани во 2014 и 2015 година со посредство на западните сили. Меѓутоа, кршењето на примирјето продолжи. До февруари, во судирите загинаа околу 14.000 луѓе.
Русија го сврте вниманието на јавноста со тоа што кон крајот на 2021 година почна да распоредува десетици илјади војници на границата со Украина. Соединетите Американски Држави тврдеа дека Русија се подготвува за инвазија, но официјална Москва упорно негираше. Додека западните земји ѝ се закануваа на Русија со санкции, Московската администрација ги призна сепаратистичките власти во Донбас и на 24 февруари започна воена операција на територијата на Украина.
Рускиот лидер Владимир Путин ја повика Украинската армија да го остави оружјето, тврдејќи дека целта на Москва е „да ги заштити луѓето изложени на геноцид од Киев и да ја исчисти Украина од нацизмот и милитаризмот“.