Alma Dekovic
19 Април 2022•Ажурирај: 20 Април 2022
КИЕВ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски доцна синоќа најави почеток на нова руска офанзива во источна Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Сега може да се констатира дека руските војници ја започнаа битката за Донбас, за што се подготвуваа долго време. Многу голем дел од целата руска армија сега е фокусирана на оваа офанзива“, рече Зеленски во своето обраќање пред нацијата.
Од 2014 година, источниот регион на Донбас е мета на сепаратистите поддржани од Русија. Непосредно пред почетокот на војната кон крајот на февруари, Русија ги призна Доњецк и Луганск во регионот на Донбас како „независни“.
Сепак, Зеленски нагласи дека е „само прашање на време“ кога ќе биде ослободена целата територија на Украина.
„На истокот и на југот од нашата земја, окупаторите во последно време се обидуваат да нападнат малку попромислено од претходно. Тие вршат притисок, бараат слаба точка во одбраната на нашата земја за да отидат таму со главната сила“, тој рече.
Се шпекулира дека Русија се фокусирала на Донбас откако нејзините напори во другите делови на Украина биле неуспешни, но украинските лидери ја отфрлиле можноста да ја предадат таа територија со цел да се стави крај на војната.
„Без оглед колку и да се донесат руски војници таму, ние ќе се бориме. Ќе се браниме. Тоа ќе го правиме секој ден. Нема да се откажеме од ништо украинско и не ни треба она што не е наше“, рече Зеленски.
Зеленски им се заблагодари на сите украински „борци и херојски градови“ во источниот регион на Донбас - опколениот град Мариупол, како и на Харков за издржувањето на одбраната што „ја штити судбината на целата земја, ограничувајќи ги силите на напаѓачите“
Тој, исто така, истакна дека веќе одржал состанок за повоената обнова и развој на земјата.
„Мораме да разработиме сè во детали, така што кога војната ќе заврши, да бидеме целосно подготвени“, рече тој.
Војната меѓу Русија и Украина, која започна со рускиот напад на 24 февруари, предизвика меѓународна осуда, доведе до финансиски санкции против Москва и го поттикна егзодусот на светските компании од Русија.
Најмалку 2.072 цивили се убиени и 2.818 ранети во Украина од почетокот на војната, според проценките на Обединетите нации, а реалните бројки се многу поголеми.
Повеќе од 4,9 милиони Украинци побегнаа во други земји, а над седум милиони се внатрешно раселени, соопшти агенцијата за бегалци на ОН.