Kasım İleri
19 Април 2022•Ажурирај: 20 Април 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Висок претставник на американското Министерство за одбрана (Пентагон) соопшти дека Русија бројот на тактички баталјони во источна Украина го зголемила на 76, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во изјавата за медиумите високиот функционер на Пентагон, осврнувајќи се на украинско-руската војна, рече дека руската армија продолжува да се трупа во источна Украина.
„Проценуваме дека бројот на руските тактички баталјони во Украина се зголеми на 76, додавајќи уште 11 тактички баталјони“, рече високиот функционер.
Во просек, руските тактички баталјони бројат меѓу 800 и 1.000 војници.
Истакнувајќи дека сите руски сили се во источните и јужните делови на Украина, функционерот рече дека руските воздухопловни сили сѐ уште во просек изведуваат по 200 летови во воената зона и дека во последните неколку дена бомбардирале воени цели во Киев и Лавов со бомбардери со долг дострел.
Американскиот официјален претставник исто така нагласи дека по потонувањето на рускиот ракетен крстосувач „Москва“, нема движење на руските бродови во Црното Море.
Претставникот на Пентагон наведе дека рускиот артилериски оган почнал да се зголемува во регионот на Доњецк.
Посочувајќи дека продолжуваат подготовките за обука на украински војници за користење на хаубици што САД ќе им ги достави на украинската армија, официјалниот претставник истакна дека овие обуки наскоро ќе започнат надвор од Украина.